На вонредна седница вечерва заседаваше кризниот штаб на Општина Сарај, при што беше утврден дел од штетата предизвикана од последните поплави. Според информациите од терен, соопштени од Центар за управување со кризи, погодени се над 30 домаќинства.
Од Управа за хидрометеоролошки работи информираат дека податоците од хидролошките станици укажуваат на сè уште исклучително високи водостои на река Вардар во горниот дел од течението, како и на река Треска, каде и натаму постои опасност од излевање.
„Поради големите води и брзини на течење на водата во река Треска, можат во опасност да бидат дел од времените мостови по течението на реката“, предупредуваат од УХМР.
Според нивните информации, на останатите реки во западните делови од земјата, каде претходно беше регистрирано зголемување на водостојот, веќе се бележи постепено опаѓање, кое се очекува да продолжи до крајот на денот.
Мирна состојба на истокот
Во источниот дел од државата состојбата е стабилна. Единствено позначително зголемување на водостојот е регистрирано во крајниот долен дел од сливот на река Струмица, како резултат на зголемените притоки по обилните врнежи во изминатото деноноќие.
Од УХМР најавуваат дека во текот на ноќта и утре изутрина се очекува зголемување на водостојот на Вардар во средниот дел од течението и апелираат на внимателно движење покрај реките и суводолиците низ земјата.