СОС Детско село Македонија годинава одбележува значаен јубилеј, 25 години посветеност на децата, младите и семејствата во земјата. Во изминатите 25 години, СОС Детско село Македонија помогна илјадници деца, млади и семејства да добијат нова шанса за сигурна иднина и 6 090 променети животи, бројка зад која стојат вистински луѓе и вистински приказни.
По повод нивниот јубилеј, СОС Детско село споделува пет сведоштва кои ја отсликуваат нивната работа со деца, млади и семејства и покажуваат како поддршката може да го промени животниот пат од неизвесност до стабилност, од првиот чекор до самостоен живот.
„Имаше период кога мислевме дека нема да можеме да продолжиме понатаму. Поддршката што ја добивме ни помогна повторно да застанеме на нозе.“ – Јордан, родител учесник на обуките за родителство.
Преку Советувалиштата на СОС Детско село и програмите за поддршка на родителството, досега добиле помош 1.390 семејства во ризик, а 3.970 деца останале со своите биолошки семејства наместо да бидат одвоени од нив. За многу семејства, оваа поддршка не значела само помош во тежок период, туку и шанса повторно да изградат стабилност, сигурност и заедничко секојдневие.
„Пред да дојдам во СОС Детско село, се плашев од сè. Но, таму првпат почувствував дека некој навистина се грижи за мене“, вели Санела, дете поддржано од СОС Детско село.
Кога децата не можат да растат со сопственото семејство, потребно им е друго, згрижувачко семејство кое ќе ги заштити и исполни нивните потреби. Центарот за поддршка на згрижувачки семејства на СОС Детско село секојдневно обезбедува поддршка за 87 згрижувачки семејства, помагајќи им да обезбедат сигурна и стабилна средина за вкупно 710 деца и млади за да растат со грижа, стабилност и чувство на припадност. За многу од нив, ова е местото каде првпат почувствувале сигурност.

„Кога почнав да живеам сам, најмногу се плашев од првиот чекор. СОС Детско село беше тука да ми помогне да направам план за иднината“, вели Јасна, младинка поддржана од СОС Детско село.
Поддршката не запира ниту тогаш кога младите влегуваат во следната, често најнесигурна фаза – самостојниот живот. Преку своите програми, помогнале 1.466 млади луѓе да ги зајакнат вештините и можностите за вработување, а повеќе од 674 од нив успеале и да најдат работа. За дел од овие млади, тоа не е само бројка, туку клучен чекор кон поголема независност, стабилност и посигурна иднина.
Ова е патот од поддршка до независност
„Денес имам сопствен мал бизнис. Тоа што некој веруваше во мојата идеја кога јас не верував, ми го промени животот“, раскажува Борис, млад човек кој беше дел од проектот Зајакнување на младите преку нови можности.
Преку менторство и поддршка, 73 млади луѓе имаат започнато сопствен бизнис, создавајќи нови можности за себе и за својата заедница. Нивните приказни покажуваат дека со вистинска поддршка, младите можат да изградат иднина каква што некогаш изгледала невозможна.
„Разговорите со психолог беа моментот кога престанав да се чувствувам изгубено и почнав повторно да верувам во себе“, вели Стефан, млад човек кој беше дел од услугите за психолошка поддршка и специјална едукација и рехабилитација на СОС Детско село.
Грижата за менталното здравје е важен дел од поддршката што ја добиваат децата и младите. За само една година 127 деца и млади добија психолошка поддршка да ги надминат траумите и да продолжат да растат со сигурност и доверба во себе.
25 години грижа што продолжува
Во текот на изминатите 25 години, СОС Детско село Македонија континуирано ги развива своите програми со една јасна цел, секое дете да има сигурна средина во која може да расте, да учи и да го достигне својот потенцијал.
Затоа што зад секоја бројка стои вистинска приказна. Едно дете. Една нова шанса.
Нивната мисија останува иста: ниту едно дете да не расте само.