Високо позиционирани претствници на партијата на германскиот канцелар Фридрих Мерц побараа да почнат подготовките за враќање на задолжителната воена служба во Германија, објави ДПА.
Јенс Шпан, лидер на парламентарната група на Христијанско-демократската унија и нејзината баварска сестринска партија, Христијанско-социјалната унија (CDU/CSU), изјави дека Бундесверот треба да почне да прави планови за регрутација.
– Бундесверот дефинитивно мора да изгради структура што овозможува брзо враќање на воената служба. Ова не може да се случи преку ноќ, но мора да почнеме да се подготвуваме, изјави Шпан за весникот „Рајнише пост“.
Според него, Германија мора да ја врати својата способност да се одбрани, што би барало дополнителни 60.000 војници да се приклучат на армијата.
– Ако ова може да се постигне преку доброволна служба, во ред. Но, мојот впечаток е дека ќе ни треба регрутација за да го постигнеме тоа“, додаде Шпан.
Задолжителната воена служба во Германија беше укината во 2011 година.
Хенинг Ото, претставник на одборот за одбрана во Бундестагот, исто така повика на враќање на служењето војска доколку не се најдат доволно доброволци.
– Одговорност на владата е да го изготви овој закон со неговите задолжителни компоненти на начин што е уставно исправен и може да се усвои оваа година, рече Ото.
Доколку Германија го врати задолжителниот рок, останува прашањето дали и жените ќе бидат обврзани да служат воена служба во армијата или тоа ќе важи само за мажите, забележува ДПА.