Одбележувањето на 30 годишнината на постоењето на Хелсиншкиот комитет за човекови права – Скопје, беше причина да имаме краток разговор со извршната директорка на Комитетот – Уранија Пировска. Енергична како и секогаш, луцидна како и секогаш, Уранија не заобиколува и говори директно и без обланди.
„Кога станува збор за нашите препораки, нашите мислења, (слухот на институциите) постојано варира и постојано зависи од политичките интереси и дали сме пред избори и како тоа ќе се одрази на мислењето на граѓаните. Рејтингот, за жал, е најважен кај политичките партии и многу често се соочуваме со поразителниот факт дека соработката со граѓанските организации најчесто претставува декор за да се прикаже одреден демократски напредок во земјата“ – поентираше Пировска на прашањето за соработката со политичките партии како носители на политиките во земјава.
„Ние сме, сме биле и верувам дека и во иднина ќе бидеме соочувани со предизвици, ризици и напади врз нашата егзистенција. Но тоа успешно го надминавме. Самата бројка од 30 години зборува за капацитетот и движечката сила која може да ги надмине сите предизвици и сите ризици за нејзиното постоење. На луѓето во Хелсиншкиот комитет единствена цел секогаш им е борбата за каузата, а тоа е заштитата на човековите права. Не било секогаш лесно, ниту денес не е лесно, но преку своето дејствување успеавме секогаш да го следиме пулсот на граѓаните, на она што се случува во општествено политичкиот живот и точно да се насочиме на оние аспекти кои што директно ги погодуваат човековите права“ заклучи Пировска во разговорот на маргините на свеченоста на Правниот факултет во Скопје, каде што беа присутни професори, правници, претставници на граѓанските организации и на медиумите.