„Искрено, ова ме изненади. Добив повик додека бев на Санденс и долго размислував, бидејќи се плашам дека оваа улога ќе ме обележи во последното поглавје од мојот живот. Но, многу сум возбуден. Некои неверојатни луѓе повторно го насочуваат вниманието кон ‘Хари Потер’, а токму тоа ја направи одлуката уште потешка. На завршната забава ќе имам околу 87 години, но реков ‘да’“, изјави Литгоу за „Screen Rant“.
Во филмската сага за „Хари Потер“, улогата на Дамблдор прв ја толкуваше Ричард Харис во првите два филма. По неговата смрт, ликот го презеде Мајкл Гамбон. Во филмовите „Фантастични ѕверки: Злосторствата на Гринделвалд“ и „Фантастични ѕверки: Тајните на Дамблдор“, улогата ја играше Џуд Ло.
Џон Литгоу е познат по улогите во сериите „Трет камен од Сонцето“, „Круна“, „Декстер“, како и во филмовите „Рикошет“, „Досие Пеликан“, „Футлус“ и многу други.