Соопштение на Академскиот пленум: Реакција на нападите врз студентите и граѓаните ширум Србија

Академскиот пленум е згрозен, но не и изненаден, од организираното насилство на приврзаниците и платениците на Српската напредна партија, како и бруталноста на полицијата, врз студентите и граѓаните ширум Србија – особено во Нови Сад, Белград, Ваљево, Врбас, Ниш и Бачка Паланка.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, прво најави насилство од „другата страна“, мислејќи на своите хулигани и тепачи, а потоа ги изведе на улиците. Во Нови Сад тие ги гаѓаа граѓаните со пиротехнички средства, столици и камења, а забележано е и повлекување на пиштол. Во Ваљево, полициските службеници, без каков било отпор од другата страна, ги извлекуваа и тепаа граѓаните од такси возилата, меѓу кои имаше и малолетник од 15 години. Веќе уапсените граѓани полицијата брутално ги тепаше со палки додека лежеа на земја, што претставува тежок облик на мачење и понижување. Во повеќе градови полицијата не реагираше на нападите на хулиганите, а на некои места дури формираше кордони и им помагаше на насилниците.

Академскиот пленум најостро го осудува и срамното апсење по завршувањето на протестите, кога полицијата ги следеше луѓето додека се разиздуваа и ги приведуваше оние кои останале сами. Ова е грубо кршење на правото на мирно собирање и слобода на движење, и јасен доказ дека институциите делуваат како продолжена тупаница на режимот.

За сликите од улиците на нашите градови, кои со загриженост ги гледаме овие денови, единствен виновник е Александар Вучиќ – подготвен и да предизвика граѓанска војна само за да не распише избори. Јасно му е и дека ќе ги изгуби, а потоа брзо би се одмотало клопчето корупција поради кое и загинаа 16 луѓе под надстрешницата во Нови Сад.

Академскиот пленум ги повикува целокупната академска јавност и сите граѓани на Србија да истраат до крај во борбата за праведно општество, во интерес на сите нас, а пред сѐ на нашите деца.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни