Првичните наоди од обдукцијата спроведена на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје укажуваат дека младата рисицa, која пред неколку дена беше пронајдена угината на патниот правец Ресен–Охрид, најверојатно настрадала во сообраќајна несреќа.
Како што информираат од Македонското еколошко друштво (МЕД) во објава на Фејсбук, за целосно и недвосмислено утврдување на причината за смртта ќе се почекаат резултатите од токсиколошките и паразитолошките анализи, кои ќе бидат дел од конечниот обдукциски извештај.
Од МЕД посочуваат дека рисицата била во репродуктивна зрелост и живеела на јужниот дел од ареалот на балканскиот рис. Нејзиното потенцијално потомство можело да придонесе кон зајакнување на популацијата, која се проценува на околу 50 возрасни единки.
Во објавата се нагласува дека случајот повторно ја отвора потребата од системско планирање на зелена инфраструктура – мостови и премини за диви животни – со цел намалување на ризикот од вакви инциденти.
Апелот е и до возачите да бидат внимателни, особено во ноќните часови кога дивите животни се поактивни.