Во саботата околу 23:10 часот на улицата „Борис Трајковски“ во Скопје се случила тешка сообраќајна несреќа во која животот го загубил 56-годишниот С.Х. од Скопје, возач на патничко возило „фолксваген голф“. Несреќата се случила при судир меѓу неговото возило и патнички автомобил „БМВ“ со скопски регистарски ознаки, управуван од 28-годишниот Ф.П., исто така од Скопје.
Според информациите на Министерството за внатрешни работи, С.Х. починал на самото место од здобиените повреди. Во несреќата повредени се уште четири лица: неговите сопатници Н.Х. (52) и М.Р.А. (24) од Скопје, како и Ф.М. (28) од Косово и возачот на „БМВ“-то. Телесните повреди на сите повредени се констатирани во ГОБ „Св. Наум Охридски“ и во Комплекс клиники „Мајка Тереза“.
На местото на несреќата биле извршени увид од јавен обвинител и полициски екипи, а по наредба на обвинителството, телото на починатиот е предадено на обдукција. Полицијата продолжува со утврдување на причините и околностите под кои се случил трагичниот судир.
