Во Скопје утре ќе биде воведен посебен режим на сообраќај со почеток од 12:00 часот поради протестниот марш по повод Меѓународниот ден на жената, информира Министерството за внатрешни работи.
Маршот ќе започне пред паркот „Жена Борец“ на улицата „11 Октомври“, а ќе продолжи по улиците „Димитрија Чуповски“ и „Даме Груев“, потоа по булеварот „ВМРО“, како и по булеварите „Илинден“ и „Климент Охридски“. Поворката ќе продолжи по улиците „Ристо Шишков“, „Благоја Страчков“ и „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, каде што ќе заврши кај паркот и спомен-плочата посветена на Вера Јоциќ.
Поради движењето на маршот, повеќе улици и булевари долж трасата ќе бидат привремено затворени за сообраќај.
Од СВР Скопје соопштија дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за регулирање на сообраќајот и апелираа до граѓаните да ги почитуваат упатствата на полициските службеници со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.