Јапонската технолошка компанија Sony разви нова технологија која може да идентификува оригинална музика користена за генерирање песни со помош на вештачка интелигенција. Ова отвора можност авторите да добијат дел од приходите доколку нивните дела биле користени за обука на AI системи.
Како функционира системот?
Новата технологија анализира кои конкретни песни и изведувачи биле користени за време на обуката и создавањето на нова музика, како и колкав е нивниот придонес во одредена композиција.
На пример, системот може да утврди дека некоја песна генерирана со AI содржи „30% влијание од Битлси“ и „10% влијание од Ролинг Стоунс“, со што се квантифицира придонесот на оригиналните автори.
Доколку програмерите на AI моделот соработуваат, „Сони“ може директно да пристапи до податоците преку поврзување со основниот модел. Во спротивно, технологијата ќе ја анализира генерираната музика споредувајќи ја со постоечки каталог на оригинални песни.
Решение за спорните авторски права
Музичката индустрија веќе се соочува со бројни правни спорови поради користење на заштитена содржина без дозвола. На интернет сè почесто се појавуваат песни генерирани со AI што го имитираат гласот на познати пејачи, што отвора прашања за авторските права и надоместокот.
„Сони“ смета дека новата технологија може да овозможи систем во кој приходите од музика создадена со вештачка интелигенција ќе се распределуваат пропорционално според придонесот на оригиналните автори.
Системот е развиен од истражувачката единица Sony AI, а резултатите се презентирани на меѓународна конференција. Освен за музика, технологијата би можела да се применува и во видео-содржини, игри и анимации, па дури и во стилови на продукции како оние на Studio Ghibli.
Компанијата засега не објави кога технологијата ќе биде комерцијално достапна, но се очекува таа да има значајна улога во идните лиценцни договори меѓу технолошките и медиумските компании.