Земјата утре може да се најде под „удар“ на Сонцето. Научниците најавуваат магнетна бура како резултат на засилена сончева активност, која веќе се следи од светските центри за вселенско време. Според податоците на Центарот за предвидување на вселенското време при NOAA, геомагнетната активност за 6 април би можела да достигне ниво 4 според Кp-индексот – што значи умерена, но забележлива бура.
Во превод: не е апокалипса, но може да има „шум“ во системот.
Зад оваа појава стојат сончеви ерупции – експлозии на енергија кои исфрлаат наелектризирани честички што патуваат низ вселената со огромна брзина. Кога ќе стигнат до Земјата, тие „удираат“ во магнетното поле и создаваат геомагнетни нарушувања.
Што значи тоа во пракса? Дека се можни пречки во радиосигналите, краткотрајни проблеми со сателитите, нарушувања во GPS системите и, во поретки случаи, влијание врз електричните мрежи
Од другата страна – има и „позитивен“ ефект: можни се поинтензивни поларни светлини.
Експертите смируваат: нема место за паника, но има причина за внимание. Ваквите појави се редовни, но во време кога зависиме од технологија повеќе од кога било, и умерена бура може да се почувствува. Затоа, институциите и операторите веќе ја следат ситуацијата, а прогнозите се ажурираат во реално време.
Заклучокот е едноставен: Сонцето не прави ништо ново – но ние имаме многу повеќе што може да „заглави“ кога тоа ќе се налути.