Сончевиот систем можеби крие не една, туку две непознати планети

Ново научно истражување предлага постоење на уште една, досега непозната планета во Сончевиот систем – наречена Планета Y – која би можела да биде помала и поблиску до Земјата од хипотетичката Планета X, за која астрономите трагаат речиси една деценија.

Според наодите, ова небесно тело можеби има големина слична на Земјата и би можело да коегзистира со Планетата X. Доколку и двете бидат потврдени, бројот на планети во нашиот систем би пораснал на десет.

Потрагата по деветтата планета започна уште по откривањето на Нептун во 1846 година, а доби нов импулс во 2016 година, кога астрономите Мајк Браун и Константин Батигин од универзитетот „Калтек“ излегоа со хипотеза за постоење на голема, невидлива планета која влијае врз орбитите на неколку големи објекти зад Нептун.

Таа хипотетичка планета – позната како Планета X – се претпоставува дека се наоѓа во Кајперовиот појас, огромен диск исполнет со астероиди, комети и џуџести планети (вклучувајќи го и Плутон) кои кружат околу Сонцето. Но, досега никој не успеал директно да ја забележи.

Во најновото истражување, група научници тврдат дека откриле индиции за сосема нов кандидат – Планетата Y, која би се наоѓала исто така во Кајперовиот појас, но поблиску до Земјата – од 100 до 200 астрономски единици, што е двојно поблиску од предвидената оддалеченост на Планетата X.

Истражувачите анализирале орбити на 50 објекти од Кајперовиот појас и утврдиле дека се навалени околу 15 степени во однос на рамнината на останатите планети, што може да се објасни само со присуство на големо, невидливо тело.

„Пробавме да најдеме објаснување кое не вклучува планета, но заклучивме дека нејзиното присуство е неопходно,“ изјави за CNN астрофизичарот Амир Сираџ од Универзитетот Принстон, главен автор на студијата.
„Ова не е откритие на планета, туку откритие на загатка – чиј најлогичен одговор е постоење на планета.“

Планетата Y, според пресметките, би можела да биде каменесто тело со маса меѓу Меркур и Земјата – далеку помала од претпоставената Планета X, која би била гасен џин до десет пати потежок од Земјата.

Сепак, не сите научници се убедени.
Астрономката Саманта Лор од Универзитетот Риџина во Канада смета дека резултатите „не се конечни“ поради малата големина на примерокот, а Патрик Софија Ликавка од Универзитетот Киндаи во Јапонија додава дека Планетата Y е „можна“, но дека се потребни дополнителни набљудувања.

Потврдата за постоењето на овие планети може да дојде од новиот опсерваториум Вера Рубин во Чиле, кој користи најголема дигитална камера на светот за детално мапирање на ноќното небо.
Според експертите, оваа мисија би можела во следните три години да открие илјадници нови објекти во Кајперовиот појас – и конечно да даде одговор дали Сончевиот систем навистина крие уште една, па можеби и две тајни планети.

„Верувам дека во првите две до три години сè ќе стане јасно. Ако Планетата Y е во видното поле на телескопот, ќе ја пронајдеме,“ вели Сираџ.

Извор:N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни