Сончевата енергија стана толку евтина што производството на една единица струја чини само околу 0.023 евра, покажува ново истражување. Овој вид на енергија се смета за „клучен двигател“ во светскиот преод кон чиста и обновлива енергија, поради својата ултра-ниска цена.
Истражувањето од Универзитетот во Сари ја прогласи сончевата енергија за најевтин извор на струја, надминувајќи ја ветрот, јагленот и гасот. Во најсончевите земји, трошокот за производство на енергија од сонце е само 0.023 евра по единица. Дури и во Обединетото Кралство, познато по својата облачна клима, сончевата енергија е најевтина опција за големи енергетски проекти.
Падот на цената на литиум-јонските батерии за 89% од 2010 година го направи можен развојот на системи кои комбинираат соларни панели и складирање на енергија, овозможувајќи постојан и поуправлив извор на струја, конкурентен на гасните електрани.
Меѓутоа, според д-р Есан Резаии, коавтор на студијата, поврзувањето на растечките количества соларна енергија со електричните мрежи останува еден од најголемите предизвици. Интеграцијата на паметни мрежи, вештачка интелигенција и поцврсти врски меѓу регионите ќе бидат клучни за стабилноста на системите.
Технологии како перовскитните соларни ќелии ветуваат зголемување на енергетскиот принос до 50%, без зголемување на потребната површина, како и можност за поставување на различни површини, вклучувајќи згради и возила.
Европа бележи значителен раст на обновливата енергија, која достигна 54% удел во енергетскиот микс во вториот квартал од 2025 година. Во овој период, соларната енергија произведе 122.317 гигават-часа, доволно за околу три милиони домаќинства.
Јуни 2025 година беше прв месец во историјата кога соларот беше главен извор на електрична енергија во ЕУ, со удел од 22%.
Роб Стејт, еден од водечките европски развивачи на соларни проекти, вели дека соларната енергија го забрзува намалувањето на зависноста од нафта и гас, што е особено важно во услови на нестабилност поради руската инвазија на Украина. Соларните фарми може да се изградат многу побрзо од ветерните или нуклеарните електрани, што ја прави оваа технологија привлечно решение за иднината на енергетиката.