Народниот театар Битола Светскиот ден на театарот, 27 март, ќе го одбележи со изведба на претставата „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Деан Дамјановски.
Денот кога сцената му припаѓа на театарот, а аплаузот на публиката, Битолскиот театар ќе го прослави со легендарната комедија и специјална цена на билетите – само 100 денари.
„Светот на „Сомнително лице“ на Нушиќ, прочитан денес, претставува еден дистопичен свет во кој шпионирањето и недовербата, како и лицемерието, корупцијата и стравот се нешто сосема нормално. Тоа е свет во кој гротеската станува реализам, а фарсата повторно станува историја. Самиот Нушиќ, во оригиналниот ракопис за „Сомнително лице“, во поднаслов има напишано „гоголијада во два чина“. Нашата претстава може да ја наречеме „современа нушиќијада“, или искривено огледало во кое светот и луѓето во него се претставени токму онакви какви што се“, истакнува режисерот.
Главната улога ја толкува актерот Марјан Ѓорѓиевски, а на сцената ќе настапат и Валентина Грамосли, Јулијана Мирчевска, Никола Пројчевски, Филип Мирчевски, Петар Спировски, Борче Ѓаковски, Никола Стефанов, Александар Копања, Александар Стефановски, Васко Мавровски и Сандра Грибовска.
Сценографијата и дизајнот на плакатот се дело на Филип Јовановски, костимограф е Андреј Папаз Ѓоргиевски, а музиката е на Марјан Неќак.
Од Битолскиот театар ги повикуваат љубителите на уметноста да го одбележат Светскиот ден на театарот со смеа, аплауз и полна сала.
Местата се ограничени, а влезници може да се купат на билетарницата или онлајн на следниот линк:
https://narodenteatarbitola.com/events/somnitelno-lice-8/