Европа се соочува со зголемен број на сомнителни летови на дронови над својот воздушен простор, при што најмалку 10 држави пријавиле инциденти во последните неколку месеци. Станува збор за дронови кои се движеле над воени бази, аеродроми и гранични региони, некои од нив вооружени или се смета дека се користеле за шпионажа. Земјите кои досега потврдиле вакви инциденти се: Литванија, Латвија, Данска, Норвешка, Романија, Полска, Естонија, Германија, Франција и Шведска (која засега само помага со технологија за неутрализација).
Во Литванија, руски дрон премина граница на 28 јули и беше пронајден вооружен во воена зона. Инцидентот ја натера државата да побара помош од НАТО за засилување на воздушната одбрана. Полска забележа најмалку 19 руски дронови на 9 септември, што беше протолкувано како директен чин на агресија. Полските сили ги соборија леталата, а дополнително беа приведени и две лица под сомнение дека управувале дронови над владини објекти.
Во Романија, руските дронови неколкупати го нарушија воздушниот простор. На 8 септември, земјата активираше борбени авиони F-16, а само неколку дена подоцна беше детектиран и рускиот „камиказе дрон“ Shahed 136 близу до границата со Украина. Данска, пак, на 29 септември забрани сите цивилни дронови откако беа видени над пет аеродроми и воени бази. Властите го разгледуваа активирањето на Член 4 од НАТО. Норвешка исто така го затвори аеродромот во Осло на 23 септември поради дронови, при што не е утврдена поврзаност со данските инциденти, но истрагата е во тек.
Латвија пријави дрон од Белорусија кој се урна во источниот дел на земјата, а Франција забележа неидентификувани дронови над воена база која обучувала украински војници. Во Германија, северната покраина Шлезвиг-Холштајн пријави повеќе дронови, а германската агенција за авијација има регистрирано 144 прекршувања од почетокот на годината – најчесто околу аеродроми.
Како одговор, Европската Унија започна иницијатива за „ѕид од дронови“ долж источната граница со Русија, додека НАТО ја зголеми присутноста и воздушната одбрана во Балтикот. За време на ЕУ самитот во Копенхаген, Данска доби поддршка од Германија и Шведска со напредни системи за откривање и неутрализација на дронови.
Инцидентите ја покажуваат растечката закана од хибридни напади во Европа и ја отвораат потребата за координиран безбедносен одговор во заштита на воздушниот простор, критичната инфраструктура и цивилното население.