Социјалистичкиот кандидат победи на изборите во Португалија: Антонио Жозе Сегуру нов претседател

Социјалистот Антонио Жозе Сегуру победи во вториот круг од претседателските избори во Португалија со над 64 отсто од гласовите и ќе ја преземе функцијата на 9 март.

Социјалистичкиот кандидат Антонио Жозе Сегуру победи во вториот круг од претседателските избори во Португалија, освојувајќи 64,14 отсто од гласовите, додека неговиот десничарски противкандидат Андре Вентура доби 35,84 отсто, објави португалскиот јавен сервис.

Според податоците на Националната изборна комисија, досега се обработени 80,30 отсто од гласачките ливчиња. Актуелниот претседател Марсело Ребело де Соуза му ја честиташе победата на Сегуру и најави дека ќе го прими во претседателската резиденција во понеделник.
Сегуру официјално ќе ја преземе претседателската функција на 9 март.

Вториот круг од изборите се одржа во услови на многу лошо време во повеќе делови од земјата, што значително го отежна изборниот процес.

Сегуру: „Оваа победа има посебен вкус“

По објавувањето на резултатите, Антонио Жозе Сегуру изјави дека победата има „многу посебен вкус“, нагласувајќи дека станува збор за избори за претседател на Републиката.
„Ова е победа која има навистина посебно значење“, изјави Сегуру за јавниот сервис RTP.

Во градот Калдаш да Раинја, неговите поддржувачи со одбројување и аплауз ги пречекаа првите проекции на резултатите, кои беа проследени со славење, скандирања и автомобилски сирени.

Од друга страна, Андре Вентура призна пораз, истакнувајќи дека во кампањата се обидел да понуди „алтернативен пат и промени за земјата“, но дека тоа не било доволно за победа.

Честитки од европските лидери

На Сегуру му честитаа бројни европски лидери, меѓу кои и францускиот претседател Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет и поранешен премиер на Португалија, Антонио Кошта.

Макрон порача дека Франција и Португалија ќе продолжат заеднички да ги зајакнуваат билатералните односи и соработката, додека Фон дер Лајен истакна дека португалските граѓани покажале „исклучителна демократска отпорност“ и покрај невремето.
Кошта, пак, нагласи дека португалскиот народ уште еднаш ја потврдил својата посветеност на демократијата и европските вредности.

Одложено гласање за дел од избирачите поради невреме

Поради силното невреме и бурата Марта, во осум окрузи гласањето беше одложено за околу 37.000 избирачи, односно за околу 0,3 отсто од вкупниот број регистрирани гласачи. Тие ќе можат да го остварат своето избирачко право наредната недела.

Во 13 окрузи беше прогласен портокалов метео-аларм, а најпогодени беа централниот дел на земјата, регионот на Лисабон, долината на реката Тежо и Алентежо.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни