Според резултатите од последните анкети спроведени од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС) во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“, 62% од населението продолжува да ги поддржува аспирациите за членство во ЕУ, што е мало зголемување во однос на минатата година. Сепак, постојат значителни разлики во ставовите помеѓу етничките заедници. Додека 82% од Албанците ги поддржуваат аспирациите за членство во ЕУ, кај Македонците овој процент е 56%.
Оваа година, резултатите покажаа дека, иако билатералните прашања остануваат отворени, граѓаните продолжуваат да гледаат на преговарачкиот процес како усогласување со законите и стандардите на ЕУ. Во 2024 година, секој трет испитаник гледа на процесот токму низ оваа призма. Овој податок ни покажува дека граѓаните ја препознаваат важноста на институционалната и правната реформа како основна компонента на евроинтеграцијата. Истовремено, евроинтеграцијата е најважен надворешно-политички приоритет за 35% од граѓаните, а 26% ја истакнуваат регионалната соработка.

Резултатите покажуваат дека Европската Унија останува најголемиот економски партнер (33%) и донатор (40%) на земјата, зацврстувајќи ја својата позиција како главен стратешки сојузник. САД следи со 22% како економски партнер и 17% како донатор. Иако САД останува фактор со најголемо влијание (41%), тоа бележи пад во однос на 2023 (60%), додека влијанието на ЕУ значително се зголемува (од 19% во 2023 на 37% во 2024). ЕУ за граѓаните е перципирана како најважен сојузник (39%), пред САД (19%).
Ова се дел од наодите од последните истражувања на јавното мислење, спроведени на национално репрезентативен примерок од 1.056 испитаници во периодот октомври-декември 2024 година.

„Оваа година констатираме застој во континуираниот пад на поддршката кон ЕУ, блага стагнација што е позитивно. Не знаеме како понатаму ќе се развива овој тренд, но добро е што овој пад е запрен. Добро е што перцепцијата за ЕУ како најпосакуван сојузник на земјата опстојува како најдоминантна од сите други алтернативи. Ова запирање на трендот и скептичноста на граѓаните дека ЕУ ќе биде подготвена за прием на нови членови, секако се должи и на променетиот геополитички контекс во смисла на зголемената неизвесност, најавеното намалување на присуството и интересот на САД во регионот, што се отсликува и со зголемената перцепција за влијанието на САД. Во овој контекст на несигурност и неизвесност и покрај горкото искуство на земјата со пристапниот процес, Унијата останува како најсигурно прибежиште на надворешната геостратешка ориентација на земјата“, вели претседателот на Институт за демократија, Марко Трошановски.
Според Даниел Браун, директор на канцеларијата на фондацијата „Конрад Аденаур“ во Скопје, позитивно е што мнозинството на граѓани сè уште го поддржуваат патот кон ЕУ и дека земјава мора да продолжи по реформскиот пат.
„Забележуваме дека бројот повеќе опаѓа отколку што расте и дека не сите групи на населението го гледаат тоа на ист начин. Причините несомнено лежат во разочарувањата од минатото и проблемите со соседните земји. Несомнено е дека Северна Македонија мора да продолжи по реформскиот пат. Сепак, исто така верувам дека, покрај договорите и обврските на државно ниво меѓу ЕУ и Северна Македонија, луѓето во земјата се надеваат на знак на доверба од ЕУ“, рече Браун.

Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ во земјава потенцираше дека нема сомнеж дека како ЕУ, во изминатите години и децении биле стабилен, сигурен и доверлив партнер за нашата држава.
„Бевме активни во сите сфери, дававме препораки, добра волја и напорна работа за да ѝ помогнеме на земјата да го забрза својот пат кон ЕУ. Но, анкетите покажуваат дека вербата слабеe, а можеби и фактот што сме присутни насекаде и се обидуваме да помогнеме, не се препознава или, пак, се зема здраво за готово. Потребно е да станеме политички, безбедносно и економски посилни, вклучувајќи го и талентот од Северна Македонија во ЕУ, и да ги почувствуваме придобивките на континент кој е обединет и гледа со надеж кон иднината. Да, постојат политички прашања за кои сите сме свесни дека го кочат процесот. Но, охрабрувачки е што сега отворено разговараме за нив“, рече Рокас.
Двете анализи ги презентираа авторите Иван Дамјановски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ и Анамарија Велиновска, истражувачка во Институтот за демократија.
Двете истражувања на јавното мислење на македонски јазик може да ги прочитате на следните линкови:
- „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија“ (2014 – 2024)
- „ЕУ интеграцијата во 2024: Од европски сон до македонска реалност“
Анализите на англиски јазик може да ги прочитате на следните линкови:
