Социјални разлики и социјален статус кај младите

Главната разлика помеѓу социјалниот статус и социјалната класа е тоа што социјалниот статус се заснова на фактори како семејното потекло, престижот на занимањето и положбата во општеството, додека социјалната класа се заснова на социо-економски фактори.

Социјалниот статус не е само за автомобилите што ги возиме, парите што ги заработуваме или училиштата кои ги посетуваме – туку е и како се чувствуваме, размислуваме и дејствуваме, велат психолозите. Социјалните разлики имаат огромно влијание на нашето ментално здравје, од иста важност се и за децата и младите. Најчестите разлики помеѓу децата и младите се гледаат во гардеробата, прославите на роденден, матурски, куповната моќ како и многу други. Ова го потенцира социјалниот статус и прави одредена разлика помеѓу децата за кои и тие самите најчесто се свесни.

Кога се работи за менталното здравје знаеме дека некои од нас ќе се справат подобро од другите, ова е поврзано со издржливоста, стратегии за грижа за себе и справување. Најчесто се појавува вознемиреност, чувство на неправда, страв кај децата кои се перципираат себе си како инфериорни во однос на социјалната положба, а истражувањата покажуваат дека младите кои имаат послаб социоекономски статус се повлечени, помалку сигурни во себе и почесто се дел од врсничко насилство во улога на жртвата или насилник.

Во одредени ситуации кога гледаме дека има негативно влијание кај децата на нивното ментално здравје даваме одредени препораки за да може да се подобри состојбата. Разговарајте со некого во кој имате доверба, грижете се за вашето физичко здравје, правете активности во кои вие уживате и ве прават да се чувствувате добро, држете се понастрана од супстанци кои можат да се штетни за вас и доколку одбранбените механизми на личноста и резилентните сили кои што ги поседуваат не се доволни самостојно да се справи со ситуацијата тогаш најдобро е да се побара професионална помош која во овие случаи најчесто е психолошка поддршка се најчестите совети поврзани со оваа проблематика.

Совет до родителите е да разговараат со своите деца отворено за одредени социјални и класни разлики, да ставаат поголема тежина на чувството на среќа, образованието, пријателствата како и одредени работи кои ги исполнуваат нивните деца а помалку тежина на материјалните работи.

Авторот е педагошки психолог во Центарот за психофизичко здравје Гаспар

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни