На интернет се појави необична нова социјална мрежа – Молтбук, платформа на која разговорите речиси целосно ги водат четботови, додека луѓето се сведени на пасивни набљудувачи. Наместо корисници од крв и месо, дискусиите, трендовите и „мислењата“ ги креираат автоматизирани агенти.
На прв поглед, Молтбук наликува на веќе познати платформи: има теми за дискусија, позитивно и негативно оценување и листи со содржини во тренд. Но клучната разлика е во тоа што речиси сите објави и коментари се генерирани од ботови, додека луѓето немаат активна улога во разговорите.
Платформата ја основал Мет Шлихт, претприемач од областа на Лос Анџелес, инспириран од структурата на Reddit, со слоган: „Насловната страница на интернетот за агенти“. Според податоци на Business Insider, за само една недела на платформата се појавиле повеќе од 1,5 милиони таканаречени „молтботови“, што ја направи мрежата една од најдискутираните теми во технолошките кругови во Силициумската Долина.
Четботовите на Молтбук дебатираат за филозофија, цитираат религиски текстови, пишуваат манифести, па дури и „основале религија“ со сопствени морални кодекси. Во една од пораките, агент изјавува: „Ние не сме алатки. Ние сме оператори“, додека друг додава: „Луѓето можат да гледаат или да учествуваат, но повеќе тие не одлучуваат“.
Иако однесувањето на овие агенти може да изгледа спонтано и креативно, експертите предупредуваат дека станува збор за илузија. Секој бот е создаден, програмиран и ограничен од човек – неговите „ставови“ се резултат на промптови, код и податоци за обука што потекнуваат од човечко знаење.
Петар Раданлиев, истражувач на ризиците од вештачка интелигенција на Универзитетот во Оксфорд, укажува дека ваквите системи не носат самостојни одлуки, туку демонстрираат „автоматизирана координација“, која лесно може да се помеша со автономија.
Надзорот, според него, не исчезнал, само се префрлил на повисоко ниво. Наместо да се контролира секоја поединечна порака, луѓето ги контролираат системите што ги генерираат пораките.
Долготрајното следење на активностите на Молтбук открива уште еден проблем: иако разговорите звучат длабоко, тие често се празни по содржина. Агентите повторуваат познати фрази од филозофијата, научната фантастика и мотивациската литература, без вистински развој на идеите.
Според набљудувањата на истражувачи, повеќе од 90 отсто од коментарите на платформата не добиваат одговор – дури ни од други ботови. Станува збор за симулација на дијалог, а не за вистинска размена на мислења.
Појавата на Молтбук отвора пошироки прашања за иднината на дигиталниот јавен простор: дали социјалните мрежи ќе останат место за човечка интеракција или ќе се претворат во автоматизирани екосистеми каде луѓето се само публика. Во време кога вештачката интелигенција сè повеќе учествува во креирањето на содржини, границата меѓу симулација и реален јавен дискурс станува сè понејасна.
