И покрај најавите и формалните повици, Собранието ја завршува годината со низа блокирани процеси и без јасен одговор кога клучните закони ќе се најдат пред пратениците. Претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши, на последниот брифинг со новинарите за годинава призна дека недостасува политичка волја кај партиите за формирање работни тела и комисии, иако процедурите одамна се отворени.
Еден месец по испраќањето писма до пратеничките групи за именување членови во работното тело за изработка на нов Изборен законик, одговор доставила само партијата Левица. Без учество на останатите партии, процесот останува целосно закочен, и покрај тоа што веќе постојат експертски предлози подготвени во претходниот период.
Идентична ситуација се повторува и со Анкетната комисија за Кочани. Иако нејзиното формирање беше најавено од власта, партиите не доставуваат предлози за членови, што практично ја прави комисијата нефункционална уште пред да биде конституирана. Гаши повтори дека без формални предлози до Комисијата за избори и именувања, не може да се закаже ниту конститутивна седница.
Дополнителен институционален проблем е блокираниот избор на Народен правобранител. Поради немање Бадинтерово мнозинство, постапката е запрена, а институцијата функционира во вонредни услови, при што вработените со месеци не земаат плата. Иако беше повикан да објасни зошто не се понуди нов кандидат што би обезбедил поширока поддршка, Гаши најави само нови обиди за компромис, без конкретен рок.
„Постапката е завршена од наша страна, но без двојно мнозинство не може да се оди понатаму“, изјави Гаши, апелирајќи до партиите да ја деблокираат институцијата, особено во пресрет на изборниот период, кога Народниот правобранител има важна улога во заштитата на избирачките права.
Во однос на реформите во Изборниот законик според препораките на ОБСЕ/ОДИХР, повторно се најавува формирање ново работно тело, иако експертски текст веќе беше изработен, јавно презентиран и доставен до Собранието. Наместо тој документ да биде основа за расправа, процесот повторно се враќа на почеток, овојпат со можност измените да се подготвуваат надвор од Собранието, во рамки на Министерството за правда.
На критиките дека законодавниот дом со месеци не носи закони од суштински интерес за граѓаните, Гаши се повика на кадровски и технички ограничувања, нагласувајќи дека Собранието нема сопствени експертски капацитети за изработка на комплексни законски решенија.
Поконкретна временска рамка беше најавена само за Кривичниот законик, кој, според Гаши, во јануари ќе се најде на дневен ред во редовна постапка, со цел да се овозможи поширока јавна и пратеничка дебата. Тој притоа посочи дека постои континуиран притисок важни закони да се носат по скратена постапка, што, како што рече, не е оправдано.
Во делот на судските реформи, Гаши најави дека новиот Закон за Судскиот совет ќе биде ставен на гласање во наредните денови, по што ќе продолжи и постапката за избор на нов член на Советот, но според изменетите правила.
Како една од ретките позитивни најави, претседателот на Собранието информираше дека по Нова година парламентот ќе продолжи со редовен работен режим и нема да заседава само за време на законските празници.