На денешната вонредна седница, Собранието на Косово не гласаше за кандидатот на Самоопределување, Гљаук Коњуфца, за нов премиер.
56 пратеници гласаа за избор на Коњуфца, 53 против, додека четворица пратеници беа воздржани.
На почетокот на седницата, Коњуфца ја презентираше програмата на Владата, а потоа и предлогот на кандидати за заменик-премиер и министер, кој е речиси идентичен со предлогот што го презентираше претходниот мандатар, Аљбин Курти.
Единствената разлика е што Курти сега е предложен за позицијата прв заменик-премиер и министер за надворешни работи, додека Коњуфца беше предложен за тие позиции во претходниот мандат.
По денешната одлука на Парламентот, претседателот на Косово Вјоса Османи има уставна обврска да го распушти Собранието и да закаже вонредни парламентарни избори најдоцна во рок од 40 дена.
Приштинските медиуми јавуваат дека вонредни парламентарни избори би можеле да бидат закажани за 21 или 28 декември.
