Во организација на СОС Детско Село, на 2ри декември беше организиран настан “Со згрижувачките семејства во борба против насилството“. Настанот беше модериран од експертката за човекови права Елена Кочоска и е дел од глобалната кампања 16 дена активизам против родово – базирано насилство на која присуствуваа заменик министерот за социјална политика, демографија и млади – Велковски, претставничката од министерство за локална самоуправа Митровска, претставничката од министерството за правда Кичеец, како и градоначалниците на општините Гази Баба, Аеродром и Петровец.
Заменикот министер Велковски, го нагласи фактот дека насилството врз жените и девојките не е приватна работа и дека е потребно на истото како феномен да се гледа интерсекциски, како и причинско-последичните врски во воспоставување на општествените односи но и градењето на системот на владеење на правото.
Во нашата држава се уште недостасуваат достапни сервиси за поддршка на жртвите и воопшто на лицата со попреченост, но и кадар којшто на пристапен и достапен начин би дале одговор во превенцијата поддршката, рехабилитацијата, но и реинтеграцијата на лицата со и без попреченост кои се жртви од семејно насилство. Она што е многу важно е дека сите заеднички треба максимално да се залагаме да го зголемиме бројот на специјализираните згрижувачки семејства кои ќе бидат обучени да прифатат дете со попреченост- жртва на насилство.
Претставничката на министерството за локална самоуправа, Митровска ја потенцираше потребата од регионален одговор во обезбедувањето на социјални услуги во постоечките 8 плански региони.
Во рамки на проектот “Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – фаза 2“ се организирани активности за идентификување и испорачување на регионални социјални услуги.
Претставничката на министерството за правда, Кичеец се осврна на потребата од проширување на опсегот на бесплатната правна помош и поддршка на згрижувачките семејства, обезбедување на пристапен и достапен кривично правен процес за заедницата со и без попреченост, како и едукација и соработка со обвинителите и адвокатите во поглед на заштитата на девојчињата жртви со и без попреченост.
Националната директорка Јулијана Накова Гапо, ја истакна улогата на СОС Детско Село во поглед на згрижувачките семејства како директни даватели на услуги кои се едуцираат низ специјализирани обуки и ја добиваат потребната стручна помош од Центарот за поддршка на згрижувачки семејства со цел сеопфатно да одговорат на потребите на децата без родители и родителска грижа.
Во државава постојат 368 згрижувачки семејства, наспроти потребата да постојат 500. Имаме недостаток од специјализирани и интервентни згрижувачи кои ќе одговорат на потребите на децата со попреченост, деца жртви на семејно насилство, трговија со луѓе и деца во ризик. Апелираме државата да ја препознае потребата од уредување на статусот на згрижувачите преку нивна професионализација со што ќе можеме поактивно да работиме на промоција и регрутирање на нови потребни згрижувачки семејства.
Директорката на Приватната установа за вон-семејна заштита Наде Качакова потсети на потребата за интерсекциски пристап во справувањето на насилството врз жените и девојчињата како несразмерно погодени од овој штетен феномен и мултисекторската соработка и одговорност на институциите во давањето на одговор на насилството.