Со зајдисонце почнува Рамазан – месецот на постот кај муслиманите

Со зајдисонцето вечерва започнува Рамазан, светиот месец на постот кај муслиманите. Првиот ден од постот е на 19 февруари, а верниците во наредните триесет дена ќе се воздржуваат од храна и пијалаци од зора до зајдисонце.

Постот во месецот Рамазан претставува еден од темелните столбови на исламот и е верска обврска за секој полнолетен, разумен и здрав муслиман кој не е на патување. Воздржувањето не се однесува само на храна и пијалаци, туку и на пушење и брачни односи во текот на денот. Сепак, суштината на постот е духовно прочистување, самодисциплина и развивање сочувство кон другите, при што болните и патниците се изземени од обврската.

Во текот на Рамазан се дава и садакатул-фитр, задолжителна милостина за оние што имаат вишок храна над дневните потреби. Оваа обврска ја исполнува носителот на семејството за себе и за членовите на домаќинството, согласно своите можности.

Рамазан завршува со празникот Рамазански бајрам, познат и како Еид ал-Фитр, кој во 2026 година започнува на 20 март и трае три дена. Бидејќи исламскиот календар се темели на лунарниот циклус, точниот датум може да варира во зависност од појавата на младата месечина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни