Со заем од ЕБОР ќе се градат фотонапонски електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“

Фото: Brookhaven National Laboratory

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ќе вложи пет милиони евра во проектите за изградба на фотонапонските електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“, кои треба да придонесат за енергетската транзиција на Северна Македонија. Договорот за грантот беше потпишан денеска од генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, и претставникот на ЕБОР, Фатих Туркменоглу, во присуство на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и евроамбасадорот во земјата, Михалис Рокас.

– Со потпишувањето на овој грант, влегуваме во завршна фаза на имплементацијата на двата проекти. „Осломеј 2“ и „Битола 1“ ќе ги зголемат капацитетите на обновливи извори во државата и ќе бидат важен чекор кон зелената енергетска транзиција, истакна Узунчев.

Проектите ќе произведуваат вкупно 46 гигават часови годишно, со што ќе се намали емисијата на јаглерод диоксид за 40.000 тони годишно. Паралелно, ќе се намали производството во термоелектраните и ќе се подобри животната средина во регионот.

Проектите ќе бидат реализирани согласно највисоките европски стандарди, а процесот за избор на изведувач ќе се спроведе според правилата на ЕБОР. Узунчев нагласи дека локалните компании ќе имаат можност да учествуваат, како и дека вработените во РЕК Битола и РЕК Осломеј ќе бидат вклучени преку доедукација.

Туркменоглу додаде дека грантот е дел од Заедничкиот фонд за Западен Балкан, кој го поддржува процесот на декарбонизација на земјите во регионот.

Министерката Божиновска истакна дека проектите ќе придонесат за намалување на емисијата на јаглерод диоксид и за рекултивација на 45 хектари земјиште, што ќе има позитивен ефект на животната средина.

Евроамбасадорот Рокас посочи дека оваа инвестиција е важен чекор за обезбедување на чиста и безбедна енергија и нагласи дека Северна Македонија треба да ги искористи реформите и достапните фондови за да привлече повеќе инвестиции.

Во однос на прашањето за вработените во РЕК Осломеј, Узунчев потврди дека процесот за преземање на работниците е во тек и ќе биде реализиран во наредниот период, иако временската рамка сè уште не е прецизирана.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни