Врачувањето на наградата за најдобар преведувач „Драги“ денеска во 14 часот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје ќе биде првата содржина на 8 издание на Фестивалот за литература „Букстар“. На доделувањето на наградите ќе се обрати деканот на Филолошкиот факултет, проф. д-р Владимир Мартиновски.
Во 17 часот е програмата поткаст „Гол ручек“ со Душко Крстевски и Ања Мугерли (Словенија) , а ќе следува разговорот и со Стефан Хертманс од Белгија.
Во 19 часот во киното „Фросина“ ќе биде отворен 8. Саем на европската литература, при што ќе биде претставена книжарницата на тркала „Зборче“.
Свеченото отворање на фестивалот е закажано во 19.30 часот во киното „Фросина“ со свечена реч на Лидија Димковска. Ќе се обрати евроамбасадорот Дејвид Гир, а ќе биде врачена наградата BookStar 2023 на Наџат ел Хачми (Шпанија) за романот „Во понеделник ќе нè сакаат“.
Ќе следува разговор со Ел Хачми на тема „Да се биде (поинаква) жена“. Модератори ќе бидат Александар Маџаровски и Ана Јовковска. Во 21 часот ќе следува разговор со авторите Драго Гламузина (Хрватска) и Бранко Росиќ (Србија), а ќе модерираат Маџаровски и Иван Шопов.
Слоганот на фестивалот Please do disturb (буквално преведен како „Ве молиме, вознемирувајте“) годинава е пресликан во програмските активности, така што донесува автори кои се заинтересирани да ги согледаат општествените проблеми и на истите да одговорат преку своето гласно книжевно и општествено дејствување. BookStar 2023 е повеќе од настан, тоа е инспирација за оние кои веруваат дека текстовите на денешнината поттикнуваат промени, нудејќи погледи на светот каде зборовите не се повеќе букви втиснати на хартија туку – повик за будење.
Во рамки на овој активистички пристап е одбрана и самата добитничка на наградата BookStar – Наџат ел Хачми од Шпанија која со години се бори за правата на жените, но и преку другите автори кои отвораат горливи теми во своите родни држави, меѓу кои и Лидија Димковска (Македонија) која ќе го отвори Фестивалот со својот ангажиран говор на тема „Со или без Please“.
Освен тоа, Фестивалот започнува и кампања во соработка со „Пакомак“ за подигнување на свесноста околу селекцијата на отпадот, но и активно учество на публиката во процесот на селекција. Освен што за време на фестивалот ќе бидат поставени специјални диспанзери за прифаќање на стара хартија и хартиена амбалажа, ќе ја наградиме еколошката одговорност на публиката. Со акумулирани најмалку сто поени на апликацијата „Екомак“ за селекција на пластика еко-модерните читатели добиваат книга подарок за време на Фестивалот.
BookStar e и прв книжевен фестивал кој ќе понуди превод на дел од настаните на знаковен јазик на сцената на кино „Фросина“ во МКЦ. За таа цел доволно е читателите да го побараат знакчето на „Talking hands“ / „Раце што зборуваат“ во програмата и ќе увидат кои настани се од инклузивен карактер.
На Фестивалот ќе се одржи прв панел меѓу четворица автори и нивните преведувачи, а во контекст на проектот „Создадено во Европа: Моќта на различноста“. Авторите и преведувачите (од кои некои и самите се автори) ќе се обидат да одговорат на прашања поврзани со уметноста и занаетот на преведувањето, но ќе проговорат и на темите поврзани со нужноста делата пишувани на помалку употребуваните јазици да бидат преведени на поголемите европски јазици, прашањето на праведната дистрибуција на книжевни дела од помалите книжевни средини, како и улогата на преводот во зголемувањето на моќта на различноста во европскиот книжевен пејзаж. За таа цел освен писателите од европските држави (Луцие Фаулерова, Франсис Кирпс, Ања Мугерли), во Скопје за Фестивалот ќе пристигнат и Ксенија Чочкова (преведувачка од германски која живее во Баден-Баден, Германија), Давор Стојановски (преведувач од словенечки кој живее во областа Кернтен/Корошка во Австрија), Маријанџела Бјанкофиоре (преведувачка од македонски на италијански, која живее во Бари, Италија), а ќе им се придружат и Маргарета Карајанова и Жарко Кујунџиски.
На Фестивалот ќе се работи и на стратегија за пробив на македонската и регионалната литература на големите книжевни пазари во Европа, а за таа цел во Скопје се состанува работна група од следните личности:
Пламен Тотев (Бугарија), сопственик на издавачката куќа „Персеј“ од Софија, која од 2004 година до денес израснува во еден од најактивните издавачи во Бугарија кој, меѓу другото, досега има објавено 55 книги од 34 македонски автори, а бил организатор и на голем број настани со македонски писатели.
Ламија Милишиќ (Босна и Херцеговина), секретар на босанскиот ПЕН Центар и извршен директор на Меѓународниот фестивал за литература „Букстан“ (Bookstan).
Драго Гламузина (Хрватска), главен уредник во една од најголемите издавачки куќи во хрватска „ВБЗ“ и програмски директор на литературниот фестивал „Врисок“ од Риека.
Александар Шурбатовиќ (Србија), долгогодишен главен и одговорен уредник на издавачката куќа „Дерета“ и сопственик на издавачката куќа „Блум“.
Ена Хасечиќ (Босна и Херцеговина), уредничка и ПР во најагилната издавачка куќа од БиХ „Бајбук“ (“Buybook”) и проектен лидер на неколку проекти со поддршка на Креативна Европа (2021-2023).
Жарко Кујунџиски (Македонија), сопственик на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје и основач на Фестивалот „BookStar“.
Во Скопје следните денови ќе биде собран кремот на европската литература, и тоа: Наџат ел Хачми (Шпанија), Миљенко Јерговиќ (Хрватска / Босна и Херцеговина), Лидија Димковска (Македонија / Словенија), Бранко Росиќ (Србија), Драго Гламузина (Хрватска), Луцие Фаулерова (Чешка), Стефан Хертманс (Белгија), Ања Мугерли (Словенија), Франсис Кирпс (Луксембург) и Софи Хана (Обединетото Кралство).
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, книжевната мрежа Традуки, ЕУ со тебе (Eu with YOU), издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и од Чешкиот книжевен центар, Центарот за фламанска литература, Европската Унија, Културно–информативниот центар на Република Бугарија во Скопје и Амбасадите на Чешка, Шпанија и на Белгија. Фестивалската програма ќе се одвива на повеќе локации во Скопје. Медиумски покровител на настанот е Македонската радио телевизија. Визуелниот идентитет е авторство на Владимир Трајановски. Фестивалското видео го изработи Радмила Ванкоска.