Неколку илјади европски земјоделци денеска протестираа во Стразбур против договорот за слободна трговија меѓу Европската унија и земјите од латиноамериканскиот трговски блок Меркосур.
Според информациите на градските власти, во градот пристигнале околу 5.000 демонстранти и неколку стотини трактори. Протестите се одржуваат во пресрет на одлуката на Европскиот парламент, кој во среда треба да гласа дали да побара мислење од Судот на правдата на ЕУ за тоа дали спорниот договор е во согласност со европското право. Таквиот чекор би можел значително да го одложи процесот на ратификација, пренесува агенцијата Хина.
Договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и Меркосур беше потпишан минатата недела во Парагвај, но сè уште треба да биде ратификуван од Европскиот парламент. Со денешниот протест, земјоделците сакаат да извршат дополнителен притисок врз европратениците, предупредувајќи дека договорот ќе ги доведе во нерамноправна положба поради увозот на поевтини земјоделски производи од Јужна Америка.
За време на демонстрациите, дел од учесниците палеа димни бомби и носеа транспаренти со пораки како „Фон дер Лајен, оди си дома“, директно критикувајќи го раководството на Европската комисија.
Протестите предизвикаа значителни сообраќајни нарушувања во Стразбур, при што неколку улици во градот беа целосно блокирани.
