Со танцов перформанс „Нестабилни другари“ започнува вториот блок на настани од Викенд на гордоста Скопје 2025

На 12 јуни во 20:30 часот во МКЦ, фестивалот Југоквир продолжува со својата перформативна и танцова програма, со танцовиот перформанс „Нестабилни другари / Unstable Comrades“ од српскиот кореограф Игор Коруга.

Делото критички го преиспитува влијанието на капитализмот, патријархатот и другите системи на репресија врз личните и телесните сфери – род, сексуалност, желба, емоции – преку јазикот на современиот танц. Инспириран од квир марксизмот, Коруга ја претвора сцената во простор за флуидно истражување на идентитетот, ранливоста и отпорот како средства за политичка визија. Перформансот се движи низ историски и идеолошки контексти – од социјализмот, преку западниот либерализам во време на Студената војна, до постсоцијалистичка Источна Европа – за да ги анализира начините на кои квир културата и уметничките практики се спротивставувале на догматизмот и нормирањето.

Авторската екипа зад делото вклучува драматургот Димитрије Коканов, композиторот Владимир Пејковиќ, дизајнерот на светло Борис Буторац и изведувачите Маријана Гавричиук, Тамара Пјевиќ, Георге Александру Плешка, Хунор Џозеф Варга и Јакша Филиповац. Делото е во копродукција на Национален центар за танц Букурешт и Фондацијата Brain Store Project Софија преку Јужноевропски танцови станици (СЕЕДС), АПАП – Феминистички иднини, Грантот за мобилност Culture moves Europe и Институтот Гете; Програмата Креативна Европа на ЕУ; Министерството за култура на Република Србија; Резиденцијалната програма ТанзФабрик Берлин, пр. Резиденцијалната програма Тенерифе ЛАВ.

Игор Коруга работи како самостоен уметник во областа на изведувачките уметности (современ танц и кореографија). Образованието го стекнал во областа на антропологијата на Филозофскиот факултет во Белград, и танцово авторство на Универзитетите за уметности во Берлин и Амстердам. Автор е на повеќе танцови и мултимедијални дела: Пејзаж на желбата (2023), Зошто не? (2022), Близина на допирот (2022), Како да се објаснат сликите на маж (2021), Еден, два, три, дојди другару, со мене танцувај (2021), Осамена планетa (2020), Нема надеж (2017), Само мое (2016) итн. Работи како соработник за сценско движење во театарски претстави и на филм, и како драматург во областа на танцот.

На 13 јуни во 20:30 часот во МКЦ ќе биде изведено и кореографското соло „Атрас / Atrás“ на Александар Георгиев – Аце, уметнички истражувач и изведувач со интернационално искуство. Делото го насочува фокусот кон задниот дел на телото како наративна и естетска основа, преиспитувајќи го неговото отфрлање и невидливост во рамките на западноевропската танцова традиција. Преку деколонијален и антикaпиталистички пристап, перформансот ја разглобува естетиката на заднината и нејзиниот потенцијал за отворање на нови, емотивни и политички читливи перспективи. „Атрас“ истовремено го преиспитува односот меѓу доминантната фронтална културна визија и маргиналните општествени позиции, поставувајќи прашања за срамот, вината и цензурата. Делото се надоврзува на истражувањата од проектите „The Power of S“ и „Echoes of S“, каде што Георгиев се занимава со концепти како „анално тело и политика“.

Тимот зад делото вклучува: музика и звук – Цветан Момчилов, светло – Пит Ајрес, графички дизајн – Асирија Алварез, адаптација на слика – Фернандо Монтиел, а продукцијата е на Беатрис Бељо. Проектот е поддржан од бројни уметнички и институционални партнери меѓу кои ЛАВ (Лабораторија за живи уметности), ICC (Имагинативен кореографски центар), Колективот Гараж, Шведскиот комитет за уметнички грантови, Владата на Канарските Острови, Културата ја движи Европа и Министерството за култура на Бугарија.

Александар Георгиев – Аце работи со/преку кореографија и танц, се занимава со истражување на идеи за коегзистенција, хиперсостојби и холографија преку неговата имагинативна докторска програма за кореографско истражување КО-серии. Во последните дела обработува поими и феномени како: политизација на анусот, „читање од заднина“, „носталгија како поетско архивирање“, „радикална нежност“, „неверството како социјален чин“, „имагинативни структури како систем за поддршка“ и слично. Од 2008 година Александар е активен во областа на танцот и кореографијата, негува партнерства и колаборативно размислување со други уметници. Иницијатор е и коосновач на уметничкиот тим STEAM ROOM и на проектната институција ICC (Имагинативен кореографски центар), заедно со уметниците Дарио Барето Дамас и Жана Пенчева. Соработува со структури како Колектив Гараж, ЛАВ, Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, Interimkultur и PiedeBase. Неговите уметнички и културни дела се карактеризираат со посветеност кон заедничко размислување, заедничко сонување и заедничко замислување на можни и неопходни иднини и структури.

Последно, на 14 јуни, со почеток во 20:00 часот во КСП Јадро, ќе се одржи перформансот „Растварања / Dissolutions“ на интердисциплинарната уметница Маја Зечо. Делото се изведува во рамки на Викендот на гордоста Скопје 2025, во партнерство со Фестивалот за феминистичка култура Прво па женско и КСП Јадро. Dissolutions (2022 – во тек) претставува слоевит одговор на лични и колективни искуства од воен конфликт, траума и загуба, користејќи визуелно и звучно преоптоварување за да го истражи телото во состојба на неизвесност. Перформансот ја става публиката во директна средба со симболика поврзана со историјата на женска репресија на Балканот.

Изведбата е дел од отворањето на самостојната изложба на Маја Зечо под наслов „Незгодни иднини / Discomfited Futures“, во кураторство на Џон Блеквуд. Изложбата ќе трае до 26 јуни и ќе биде придружена со каталог.

Маја Зечо потекнува од Сараево и живее во Шкотска од 2015 година. Таа е интердисциплинарна уметница која работи на пресекот меѓу перформанс, звук и подвижна слика. Во нејзината истражувачки ориентирана пракса, таа се занимава со теми како идентитети, деколонијалност и идеи за балкански футуризми. Критичкото истражување на овие теми ја води Маја кон акти на само-погребување, нуркање во вода за повикување сеќавања, експерименти со сензорно попречување и практики на издржливост. Таа заврши докторски студии базирани на пракса во 2019 година и ги има претставено своите дела низ Обединетото Кралство и на меѓународно ниво, вклучувајќи ги Лондон, Лестер, Линколн, Единбург, Перт, Абердин, Цирих, Сараево и Загреб.

Постерот и програмата на Викендот на гордоста – Скопје 2025 – ЈУГОКВИР се достапни ТУКА.

Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ е организиран од Коалиција МАРГИНИ – Скопје, во соработка со ЛГБТИ Центарот за поддршка, и во партнерство со Тиииит! Инк., Музејот на современата уметност – Скопје, А.К.Т; од Пфорцхајм, и Истражувачкиот центар при Словенечката академија на науките и уметностите. Перформансот на Алма Гачанин се прикажува во партнерство со Фестивалот за феминистичка култура Прво па женско.
 
Скопје Прајд Викенд, Прво Па Женско и Перформанс Платформа го посветуваат јуни на современата и критичка перформанс уметност во танцот, театарот и визуелната уметност, како гест на грижа, релациска, политички ангажирана уметничка практика и акт на демократизирана јавна имагинација. Твориме простор за соработка, заедништво и размена, барајќи од институциите да го препознаат и континуирано да го поддржуваат.

Фестивалот е поддржан од Heinrich Böll Stiftung, Friedrich Ebert Stiftung, А.К.Т; и Global Fund for Women.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни