Со „Реквием“ од Волфганг Амадеус Моцарт на 3 октомври НОБ ја отвора новата сезона

Во солистичката постава ќе настапат: Биљана Јосифов (сопран), Николина Јаневска (мецосопран), Јане Дунимаглоски (тенор) и Владимир Саздовски (бас)

Националната опера и балет ќе ја отвори новата сезона 2025/2026 со едно од најмоќните и најемотивни ремек-дела во историјата на класичната музика – „Реквием“ од Волфганг Амадеус Моцарт на 3 октомври со почеток во 20.00 ч.

Под диригентската палка на истакнатиот италијански диригент, Џанлука Мартиненги, македонската публика ќе има можност да присуствува на извонредна изведба на дело што ја отсликува генијалноста, длабочината и духовната сила на Моцарт.

Во солистичката постава ќе настапат: Биљана Јосифов (сопран), Николина Јаневска (мецосопран), Јане Дунимаглоски (тенор) и Владимир Саздовски (бас). Заедно со оркестарот и хорот на Националната опера и балет тие ќе создадат незаборавно музичко доживување кое ќе го означи почетокот на новата сезона.

„Реквием“ е последното и недовршено дело на Моцарт, создадено во последните месеци од неговиот живот и обвиено со мистерија и легенди. Делото претставува музичка исповед, исполнета со драматични контрасти – од тивките молитвени моменти до експлозивните хорски сцени. Неговата длабока емоционалност и духовност ја водат публиката од болка и тага кон надеж и вечност.

Ова монументално остварување повеќе од два века ја фасцинира и инспирира публиката ширум светот и се смета за едно од најзначајните и најизведувани дела во светската музичка литература. Секоја нота од „Реквием“ го носи печатот  на Моцарт и ја потврдува неговата вечна музичка величина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни