Со ред зборови, ред солзи Гордана Такец ја пишува нејзината најнова книга „Капињера“

„Памтев се она што ми раскажа едно попладне три дена пред вечно да замине. Не очекував толку брзо да замине. На први почина, на втори го погребавме, на трети седнав да пишувам. Ред зборови, ред солзи и се запишав, сѐ што кажа“, раскажува Гордана за тоа како ја пишувала емотивната вистинска приказна за животот на нејзиниот татко и неговата тажна љубовна приказна.

Гордана Такец на Саемот на книга имаше промоција на нејзиното најново дело „Капињера“.„Капињера“ е едно емотивно патување во приказната на главниот лик, Такец, и неговата Луна а подоцна и Сара. Многу трагични приказни и судбини се обработени во овој роман, меѓутоа на највозвишен начин тој зборува за љубовта и за тоа што значи вистинската љубов, дека таа не се заборава и покрај сите животни текови.

Зборува за силината на духот, за тоа колку човекот може да издржи на плеќи сѐ она кое му се случува, колку заминувања, колку простувања, колку болка може да издржи еден човек.

Еден живот кој е пронижен со многу болка сепак наоѓа искра надеж да остане и да живее, подоцна да се реализира и како семеен човек, никогаш не забравајќи ги Луна и Сара, двете најсакани кои ги изгубил во еден ден и тоа на денот на годишницата од нивното судбоносно да.

Таа е автор на 19 научни трудови и повеќе збирки поезија. Се работи за исклучителна талетирана и наградувана авторка која поради нејзината семејна историја има што да раскаже и токму затоа живтната приказна ја носи со романите: Креветот како триумф, Будење, 7 минути страст, Нашите испуштени нешта, Хемија, Креветот – 2, Жената змеј. Таа многу умешно ја раскажува животната приказна на нејзиниот татко кој имал еден неверојатен живот. 

Дали можете болката може да се пренесе на хартија, исто како и љубовта? Како успеавте да ја напишете оваа приказна, кој дел нјмногу влијаеше на вас и уште многу прашања одговара Такец во интервјуто подолу?

„Памтев се она што ми раскажа едно попладне три дена пред вечно да замине. Не очекував толку брзо да замине. На први почина, на втори го погребавме, на трети седнав да пишувам. Ред зборови, ред солзи и се запишав, сѐ што кажа“, раскажува Гордана за тоа како ја пишувала емотивната  вистинска приказна за животот на нејзиниот татко и неговата тажна љубовна приказна.

Трн: Зошто толку многу чекал да се ослободи од она што го притискало и го чувал скоро цел живот?

Гордана: Не знам да ви кажам, јас и тој бевме многу блиски, емоционално бевме многу поврзани заради тоа сѐ што работев, се консултирав со него заради тоа што тој беше човек со позитивна мисла, роден два века пред неговото време. Јас помислувам дека можеби го почувствува крајот и си рече дека ова е последна шанса некому да раскажам.

За време на целиот свој живот, тој постојано се себеобвинуваше со зборовите: „Каков маж бев јас, да не можам да ја заштитам мојата жена и моето дете“.  Чувствуваше грижа на совест дури до тој степен кога сум се родила јас размислувал да ми даде име на една од двете негови љубови во животот, или Сара или Луна, меѓутоа помислил подоцна дека тие биле несреќни со кратки животни судбини, на ќерка ми ќе и дадам име кое што еден ќе ја направи горда преку мојата животна судбина.

Трн: Кои аспекти на семејната судбина и трагедијата на Такец и Луна  најмоќно влијаеле на вас и на вашето пишување?

Гордана: Најемотивно влијаеше моментот кога тој слушнува за собирањето на Евреите, кога ги носат на Железничката станица во Битола, трча бос и целиот избезумен до возовите кои немилосрдно собираат по 60, по 120 евреи во еден вагон и тука е немоќен и прави еден гест, тоа е најмоќното нешто и најтажното во целата книга, со двете раце прави силни крвави бразди на своето тело. Замислете која болка е тоа на еден човек кој е соочен со огромна загуба. Јас знаев дека носеше лузни на своите гради, ама не знаев како ги добил. Тоа ми беше многу болно и се заколнав дека по цена и последно да ми биде во животот, јас ќе го направам тоа.

Трн: Каква порака сакате да пренесете со книгата?

Гордана: Да ја чуваме љубовта бидејќи едниствено љубовта е вечна, таа провејува низ сите сегменти на оваа приказна, бидеќи буквално по еден век ние воспеваме љубов која некогаш се случила и не била крунисана како што треба, завршила трагично, но практично не завршила, останала да се пренесува на нови генерации.

Трн: Кои беа најголемите предизвици, колку тешко беше ова да се напише?

Гордана: Беше многу тешко, ја пишував книгата ноќно време кога имав најмногу идеи и кога беше апсолутна тишина во домот. Беше многу страшно, но толку бев упорна, се стегав во себе, ја стегав својата душа, ги стегав и солзите, не давав да ги пуштам, си велев тато ова тебе ти го должам. И велев драги боже дај ми сила да се соочам со оваа задача.

Трн: Која беше другата мисла водилка која ве водеше низ процесот на пишување?

Гордана: Во македонската книжевност ова е ретко дело со искрено сведоштво за еврејскиот егзодус и нивните тажни животни приказни. Во име на сите болки кои евреите ги имаат претрпено за време на нивниот егзодус, знаев дека треба аманетот од татко ми да го продолжам кој тој како новинар многу истражуваше за нив. Токму затоа веќе ја подготвувам новата книга, Еврејчето Рудолф која треба да излезе наскоро.

Трн: Кои се вашите надежи и очекувања од реакциите на читателите по издавањето на овој роман, особено земајќи го предвид влијанието што може да имаат таквите силни и трагични приказни?

Гордана: За мене најголема награда е ако романот се чита, колку повеќе се чита, толку повеќе ќе бидам благодарна бидејќи практично и тој аманет е оставен во полза на идните генерации кои ќе извлечат некаква поука. Сите ние сме набљудувачи на сите лудила кои во светот се случуваат. Кога би биле сите малку поактивни за да ја браниме тезата дека војна не ни треба, дека војната е излишна, мислам дека тоа е една од главните поуки е дека тоа лудило на војување треба да престане. Можеби и овој роман ќе даде некаков придонес.

Трн: Бидејќи станува збор за една силна емотивна приказна, дали сметате дека овој тип пишување им лежи на жените, дека само тие умеат да пренесат такви силни емоции?

Гордана: Апсолутно да, јас не сум феминист ама сум жена која целиот свој живот цврсто стоела на нозе и сметам дека за многу нешта за кои ние сме способни, мажите можат да сонуваат во најслатките соништа. Силата е во нас, бидејќи сѐ започнува и сѐ завршува со нас жените. Ние сме кормилото.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни