Денес во Скопје започнува регионалниот феминистички фестивал „Еден свет, една борба”, кој ќе трае од 19 до 21 октомври 2025 година. Овој фестивал претставува уникатна платформа за уметничко и општествено изразување, преку која регионални и европски уметници ќе говорат за најзначајните теми на нашето време, а тоа се родова еднаквост, феминизам, солидарност и социјална правда.
Во текот на сите три дена, публиката ќе има можност да проследи театарски претстави, музички настапи, изложби и уметнички инсталации кои ја отвораат дискусијата за родот, слободата на изразување и правото на различност.
Фестивалот ќе започне вечерва, во 19:00 часот во Македонскиот народен театар со свечено отворање и театарска претстава „Девојчиња” од Србија, во режија на Милена Богавац.
На 20 октомври, во 19:30 часот, во „Јавна соба” – Public Room ќе биде изведена театарската претстава „Мојот таканаречен живот во Копенхаген” од Босна и Херцеговина и Хрватска. Во 20:15 часот следува претставата „Злогласниот круг” од Косово, како и перформансот „Погледи” од Словенија, во 20:30 часот. Публиката ќе има можност да ја посети и изложбата „Гласови низ пламенот” од Украина, инспирирана од новинарски сведоштва, и „Луѓето кои ме обликуваа: Кој ме направи феминистка?” од Босна и Херцеговина. Вечерта ќе заврши со DJ сет.
Последниот ден, 21 октомври, со почеток во 12:00 часот, Градскиот парк ќе стане сцена на повеќе настапи и перформанси: партиципативната инсталација „Разврти го системот” од Босна и Херцеговина, кратка изведба на претставата „Девојчиња” од Србија, како и аудиовизуелниот перформанс „Реките не се враќаат наназад – флуидност и род” од Швајцарија и Иран. На програмата ќе се најдат и музички настапи: „ДРАГА (Под нашата липа)” од Србија со пејачката Бојана Вунтуришевиќ и хорот на „Рефлектор театар”, како и настапи на средношколски бендови од Северна Македонија.
На овој начин, фестивалот обединува уметници од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Словенија, Албанија, Украина, Швајцарија и Иран, претворајќи го Скопје во центар на регионален културен дијалог и соработка.
Од ФЕС истакнуваат дека феминизмот е движечката сила за изградба на поправедно и еднакво општество. Феминизмот е борба, но и визија за свет без дискриминација, насилство и нееднаквости. Преку театар, музика, перформанси и изложби, првиот регионален феминистички фестивал ја става пораката во центарот дека без еднаквост нема ниту демократска, ниту просперитетна иднина.