Со премиерната изведба на „Градина на почетоците“ од композиторот Стојан Стојков, Националната опера и балет в петок, на 19 септември, ја отвора новата балетска сезона. Во претставата по либрето на Ефтим Клетников, главните ликови им се доверени на Марија Кичевска Шокаровска, Ева Перковска, Франциско Хименес Руиз (Шпанија), Симона Колиштркоска и Ендру Кук (Англија).
Кореографијата е на Џан Арслан од Турција, а со оркестарот на МОБ ќе диригира Иван Еминовиќ.
Како што рече Стојков на прес-конференција, инспирација за композицијата му биле стари, антички музички записи.
-Композицијата не е романтична, туку е повеќе современа, со интересна оркестрација. Мојот предмет на интерес и работа беше „полифонијата“. Истражувам и им пренесувам на студентите музика од пред седмиот век. Во тоа истражување наидов на интересни антички примери кои сакав да ги слушнам зашто малку се познати во музиката, иако во историјата и литературата има вакви записи. Оттука почна целата работа, потоа се надоврзуваа сликите и така се направија вкупно девет, истакна Стојков на прес-конференцијата по повод премиерата.
Тој претпочита македонски рурален фолклор, кој е податлив, објасни, за обликување на сценско дело и композиторски приод.
-Сакав на моите студенти да им покажам дека треба да знаат да создадат дела и врз база на духовна музика и врз база на електронска музика и врз база на современите текови во творештвото.
На кореографот Арслан му се допаднала идејата што ја имал Стојков.
-Музиката е многу силна, разговарав со него, му кажав што видов јас во неа. Ја видов визијата. Идеите ни беа слични и одлучив да се вклучам во проектот. Ова беше убаво патување, работевме многу сите, истакна Арслан.