Со посебен закон Србија му овозможи на зетот на Трамп да гради хотел сред Белград

Проектот вреден 500 милиони долари предвидува хотел, станови, канцеларии и продажни простори на локацијата на некогашниот Генералштаб – симболично место за српската јавност

Собранието на Србија вчера по брза постапка усвои специјален закон („лекс специјалис“) за забрзување на изградбата на луксузниот комплекс што го турка компанија поврзана со Џеред Кушнер на просторот на поранешната зграда на Генералштабот во центарот на Белград — објект оштетен во НАТО-бомбардирањето во 1999 година.

За законот гласаа околу 130 пратеници додека 40 биле „против“, и покрај протестите и жестока критика од опозицијата и стручната јавност.

Проектот проценет на околу 500 милиони долари предвидува хотел, станови, канцеларии и продажни простори на архи-симболично место за српската јавност; дел од медиумите бележат и можност за Трамп-брендирање. Властите ја оправдуваат одлуката со економски бенефити и „модернизација на градот“, но и со обврска инвеститорот да финансира меморијален сегмент за жртвите на бомбардирањето во рамките на комплексот.

Контекстот останува остро политички и културно чувствителен: уште во 2024 година државата го симна заштитниот статус на локацијата и додели 99-годишен закуп, потег што запали протести и отвори правни дилеми околу заобиколување на редовните процедури. Професионални здруженија и НВО-секторот предупредуваат на „легализирана корупција“, а опозицијата најавува уставни иницијативи.

На улица, илјадници граѓани изминативе месеци протестираа барајќи враќање на статусот на културно наследство на делата на архитектот Никола Добровиќ и стопирање на проектот; меѓу аргументите доминира ставот дека местото треба да остане меморијален простор наместо елитен недвижнински развој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни