Со предложените законски решенија се предвидува усогласување со европските стандарди, економски придобивки за граѓаните и нови зелени работни места, кои ќе овозможат пониски сметки за струја и подобра заштита на животната средина.
Една од клучните новини е воведувањето на европскиот принцип „Енергетска ефикасност на прво место“. Јавниот сектор, енергетските компании и потрошувачите ќе бидат обврзани да ги применуваат најдобрите мерки за оптимизација на енергетските системи, вклучително и технологии базирани на обновливи извори на енергија.
Владата ќе усвои 20-годишна стратегија за реконструкција на станбените, јавните и комерцијалните објекти, со цел тие да станат енергетски ефикасни згради со речиси нулта потрошувачка. Стратегијата предвидува и интеграција на соларни системи и други обновливи извори на енергија.
Во јавниот сектор се предвидува тројно зголемување на годишната цел за заштеда на енергија – од 1 на 3%. Исто така, секоја година ќе се реконструира најмалку 3% од вкупната површина на јавните објекти. За нови и реконструирани јавни објекти како училишта и градинки ќе се вградуваат сончеви колектори за топла вода, каде што е технички и економски изводливо.
Министерството за енергетика воспоставува и финансиска поддршка за инвестиции во соларни панели, геотермални системи и паметни технологии. Владата ќе донесува уредби и годишни програми за реконструкција на станбени, јавни и комерцијални објекти, со што ќе се овозможи поголема енергетска ефикасност низ целата земја.
– Со овие измени и дополнувања се создава правна, економска и социјална рамка која го намалува товарот на сметките за струја за граѓаните, го поттикнува користењето на обновливи извори на енергија и отвора нови работни места во зелените технологии и градежништвото – велат од Министерството.
Овие мерки, велат од ресорното министерство, ја приближуваат земјата кон европските стандарди и климатската неутралност, со цел поголема енергетска сигурност и подобар квалитет на живот за сите граѓани.