Со „Некрстена земја“ се отвора Философски филмски фестивал

Со музичкиот перформанс „Букршлиев/Мирческа Свират Колтрејн“ на Филип Букршлиев и Андреа Мирческа и македонската премиера на „Некрстени денови“ (Ballad of Piargy, 2022) на нашиот познат режисер Иво Трајков се отвора тринаесетото издание на Философски филмски фестивал. По проекцијата на филмот, ќе следува разговор со режисерот Иво Трајков и со публиката. Отворањето на Фестивалот ќе биде денес на 2 јуни (петок) со почеток од 20.00 ч. во Летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката.

Во пролетта 1939 г. се пренесува веста дека во малото планинско село Пиарџи [Piargy], затрупано од лавина снег пред само неколку дена, се родил Антихристот. Бискупот бара точно да се истражат изјавите на Јоанка, единствената преживеана од катастрофата, за да дознае што навистина се случило.

Љубов, страст, надеж, грев и казна. Ова се зборовите што најдобро би ја опишале атмосферата во најновиот филм на Иво Трајков, симбол на модерната Содома и Гомора. Визуелно раскошна приказна, базирана на кратка приказна на словачкиот писател Франтишек Швантнер [František Švantner], филмот импресионира со својата оригиналност и раритетност во пристапот на темата. Преку брилијантната црно-бела фотографија тој суптилно и нетенденциозно ни доловува атмосфера на историска драма и претставува огледало на хипокризијата на моралот, религијата и патријархалната традиција во општеството – подеднакво релевантна денес, како и во периодот непосредно пред Втората светска војна.

Филмот „Некрстени денови“ во словачко-македонско-чешка копродукција има учествувано на голем број меѓународни филмски фестивали и е добитник на повеќе награди, меѓу другите и на фестивалите во Буенос Аирес, Брисел, Фестивалот на независен филм во Монтреал итн.

Освен Трајков, на фестивалот ќе гостува еден од најголемите европски режисери и сценаристи на денешнината Кшиштоф Зануси од Полска, добитник на „Златен лав“ во Венеција (1984), наградуван во Кан, Локарно, Берлин, Монтреал, Токио. Зануси е еден од 40 основачки членови на Европската филмска академија, предводени од Ингмар Бергман.

На фестивалот ќе биде прикажан неговиот најнов филм „Совршен број“ (2022). Филмот ќе биде прикажан во натпреварувачката програма во конкуренција за наградата „Златен був“ од стручното жири и од публиката за најдобар долгометражен филм. Последното филмско остварување на светски познатиот режисер Кшиштоф Зануси се навраќа на дел од најзначајните теми од досегашното филмско творештво на овој автор, но овојпат структурирани преку неочекуваната форма на интелектуален трилер.

Мотото на годинашното издание на ФФФ гласи „Сè е филм, во множина“, и е инспирирано од големиот филмски великан од Францускиот нов бран Жан Лик Годар (1930-2022).

Во рамките на 13. издание на ФФФ предвидено е да бидат прикажани околу 40 филмови, ќе се одржат 50 настани, ќе има 18 гости и 24 учесници на Втората интернационална конференција „Филозофија и филм“.

Богатата фестивалска програма е организирана во повеќе програмски сегменти: Ревијална програма: филм-философија; две компетитивни програми: Официјална селекција на долгометражни филмови и Официјална селекција на краткометражни филмови: Придружна програма (со Фокус Годар); Едукативна програма и Интернационална конференција „Филозофија и филм“, а Фестивалот работи и на два издавачки проекти – превод на „Вајање во времето“ од Андреј Тарковски и (ре)издание на есеи од Милчо Манчевски со естетска и филмско-теориска проблематика.

Селектори на фестивалот се: проф. м-р Кирил Трајчев, селектор на долгометражни филмови; д-р Дејан Здравков, селектор на краткометражни филмови; додека за Ревијалната програма, во соработка со гостите на Фестивалот, се задолжени Слаѓан Пенев и Ана Дишлиеска-Митова.

Во компетитивната програма во конкуренција за наградата „Златен був“ од стручното жири и од публиката за најдобар долгометражен филм ќе бидат шест филмови, сите за првпат прикажани во Македонија, меѓу кои и една македонска ко-продукција – „Некрстени денови“ на нашиот познат режисер Иво Трајков кој долги години живее, твори и предава на престижната FAMU во Прага.

Во двојната конкуренција за „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм, ќе бидат 15 филмови од повеќе земји во светот: САД, Канада, Финска, Јужна Африка, Холандија, Португалија, Костарика, Полска, Унгарија, Швајцарија, Кина и Грција. Пред почетокот на првата вечер од проекциите на краткометражни филмови, а како дел од Фокусот Годар, ревијално ќе биде прикажан неговиот краток филм „Во темнината на времето“.

Жирито за официјалната конкуренција на долгометражни филмови го сочинуваат: д-р Елизабета Шелева (професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ), д-р Луис Мартин Ариас (професор на Универзитетот во Ваљадолид, Шпанија) и д-р Нил Кенеди (професор на Тринити колеџот во Даблин, Ирска). За наградите во официјалната конкуренција на краткометражни филмови ќе одлучува жири во состав: Ивана Мирчевска (интердисциплинарна уметница и истражувачка), Том Докал (филмски критичар, Луксембург) и Ана Јакимска (режисерка и сценаристка).

Фестивалот е во организација на Филозофското друштво на Македонија и ќе се одржи со поддршка на Агенцијата за филм и Министерството за култура, во соработка со Кинотеката, Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје, Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје, Амбасадата на Република Полска во Скопје, МЕДИА Деск Мк, Музејот на современата уметност, како и бројни други долгогодишни соработници и пријатели на фестивалот.

Најново

Последни колумни