„Целта на настаот што ќе се случува во Музејот на Град Скопје, ‘Зборувај за Скопје’ е да се спојат генерациите, за и младите генерации да добијат едно чувство за тоа како се градел градот повторно“ рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска во утринската програма на Сител.
Таа додаде дека со повеќе мултимедијални проекции, со учество на разни музички ѕвезди, уметници ќе се направи токму тој спој на генерациите.
„Многу е важно младите генерации да ги воведеме во таа приказна на солидарност пред се, на помагање на едни на други“ рече Костадиновска-Стојчевска.
Според министерката Костадиновска-Стојчевска токму моќта на Скопје после тој разорен земјотрес во 1963 година да се возобнови, да покаже дека со моќта на солидарноста, со моќта на меѓусебната помош може повторно да се изгради градот, беше поттик за програмата.
„Со низа настани ќе го одбележиме токму тоа, солидарноста, моќта на човекот кога ќе се спои заедно, кога ќе започне да работи заедно за подобра цел и за повисока цел, да го добиеме ова мономентално дело, односно изгледот кој што го има Скопје“ рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката кажа дека настаните се креирани да бидат соодветни за сите генерации, со цел да се направи еден меѓугенерациски и спој на солидарноста.
„Решивме да направиме низа на настани кои што ќе бидат соодветни за сите генерации, за оние кои се уште се сеќаваат на тој земјотрес, за оние чии родители раскажуваат за тој земјотрес, но и за помладите генерации кои треба да гледаат една многу убава слика за тоа што значи кога заедно сите ќе работиме, во име на солидарноста“ рече Костадиновска-Стојчевска.