„Меѓу моите најзначајни постигнувања се рекордите на 1500 метри слободно, 400 метри слободно и 800 метри слободно, кои ги имам поставено и во мал и во голем базен. Особено сум горд на тоа што сум првиот пливач од Македонија што има испливано под четири минути во трката на 400 метри слободно,“ вели Ѓуретановиќ.
Еден негов ден изгледа строго организиран:
„Станувам во шест часот наутро, појадувам лесно и одам на првиот тренинг. Тој трае околу два часа. Потоа појадувам повторно, одморам и подоцна имам уште еден тренинг, а денот го завршувам со опоравок и масажа. До десет и пол сум во кревет за да се подготвам за следниот ден,“ објаснува тој.
Секојдневната рутина вклучува два тренинга во вода по два часа и еден час во теретана. „Физички мора да се издржи, бидејќи само тренингот носи успех,“ додава Ѓуретановиќ.
За целите во иднина, тој посочува дека сака да продолжи да ги подобрува своите резултати и да се натпреварува на највисоко ниво. До младите кои сакаат да тренираат пливање, Ѓуретановиќ порачува: „Бидете упорни и верувајте во себе. Трудот и дисциплината секогаш ќе бидат наградени.“
Со своите постигнувања и страст кон спортот, Никола Ѓуретановиќ е вистински амбасадор на македонското пливање.