Со модифицирани бактерии до помалку пластика во морињата

Загадувањето од пластика предизвикано од материјали кои тешко се разградуваат е значаен глобален еколошки проблем. За среќа, постојат одредени морски бактерии кои играат улога во разградувањето на пластичните материјали, а овие бактерии развиле способност да разградат различни видови пластика кои најчесто се наоѓаат во предметите и пакувањата за еднократна употреба, а кои потрошувачите често несовесно ги фрлаат кај стигнат.

Истражувачите од Универзитетот Хокаидо во соработка со колегите од Mitsubishi Chemical Group во Јапонија сега открија нов вид бактерија која може да „изеде“ еден вид пластика што вообичаено се користи во производството поради фактот што се смета за еколошки прифатлива поради биоразградувањето на копно. Меѓутоа, во водата, овој материјал опстојува долго време и ги загадува океаните и другите водни патишта.

Тоа е материјал наречен полибутилен сукцинат (ПБС) и најчесто се користи за мулчирање, кеси за компостирање и амбалажа во угостителството.

„Загадувањето со пластика на океаните е глобален проблем и ние треба да се справиме со него преку стекнување на ново разбирање за однесувањето на пластиката во таа средина, како и нови технологии за справување со проблемот со загадувањето“, рече Томоо Савабе, лидер на истражувачкиот тим на Факултетот за рибарски науки при Универзитетот во Хокаидо.

Истражувачите успеале да го одредат ензимот одговорен за разградување на ПБС во специфичен вид на бактерии и го нарекле PBSase. После тоа, отишле чекор понатаму и го вметнале овој ензим во вообичаената морска бактерија Escherichia coli за да биде поефективна во случаите со биоразградливи материјали.

„Објаснувањето на механизмот на разградување во морската вода на молекуларно ниво може да доведе до развој на нови морски биоразградливи полимери. Овој ензим може да се користи како забрзувач на распаѓање или катализатор за хемиско рециклирање на собраната отпадна пластика“, рече истражувачот Јасухито Јамамото.

Истражувачите сега го истражуваат потенцијалот на овие бактерии кои „јадат“ пластика за примена во биоремедијација, каде што би можеле да се користат за чистење на загадувањето од пластика во животната средина. Иако овие микроорганизми кои ја разградуваат пластиката ветуваат, сè уште има пречки што треба да се надминат. Природните бактерии доста бавно ја разградуваат пластиката, што можеби нема да биде доволно брзо за да ја следат стапката на загадување со пластика.

Дополнително, мора да се земе предвид влијанието врз животната средина од деградацијата на пластиката, како што се микропластиката и другите хемиски соединенија. За време на процесот на распаѓање, бактериите ослободуваат CO₂ како нуспроизвод, што може да доведе до поголемо загадување на Земјата.

Биотехнолошките напори за подобро управување со пластичниот отпад се за пофалба и ветувачки, но најдобриот начин за борба против загадувањето со пластика сепак е всушност користењето помалку, рециклирањето и правилното управување со отпадот за да се спречи неговото достигнување до океаните.

Извор: okvir.net

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни