Фестивалот за отворен го прогласи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Таа му ја врачи наградата на добитникот на Златна камера 300 за животно дело, оскаровецот Питер Бижу.
-Овој фестивал, ги негува вредностите на врвната визуелна уметност и е чувар на споменот на љубопитните браќа Манаки, на кои дотогаш непознатото им било голем предизвик. Тој предизвик не донесе до прекрасното во непознатото. Браќата Манаки беа први на Балканот но и меѓу првите сниматели во Европа. Македонската кинематографија им ја должи сета почит. Оттаму радува ентузијазмот, страста, фестивалот од година во година и децении да ја надоградува љубовта кон добриот кадар и затоа ја заслужува сета почит- рече министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
Добитникот на Златната камера 300 Питер Бижу по добивањето на наградата се заблагодари за поддршката.
– Благодарам! Многу сум среќен што сум тука во Македонија и што сум добитник на ова прекрасно признание на браќата Манаки- рече оскаровецот Бижу.
На актерката Лабина Митевска и беше врачена наградата Големата ѕвезда на македонскиот филм, награда која Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) ја доделува од 2013 година.
На Фестивалот, што ќе се одржи до 29 септември, ќе бидат прикажани повеќе од 70 филмови, распоредени во неколку натпреварувачки програми.
Во главната програма се 12 филмови, кои наспроти доминацијата на технологијата денес, раскажуваат егзистенцијални човечки приказни.
Филмот „Домаќинство за почетници“ се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале.