Многубројни музички настапи, изложби, театарски претстави и танцови перформанси ќе понуди 44.издание на фестивалот „Скопско лето“, што секоја година традиционално се одржува од 21 јуни до 31 јули.
Скопско лето е синоним за масовна посетеност и исполнетост со активна публика. Програмата која што ја нуди, доминира со квалитет и содржини коишто скопјани немаат прилика да ги видат другпат. И оваа година, најголемиот дел од програмата на „Скопско лето 2023“ ќе биде посветен на домашните изведувачи, но фестивалот ги отвора вратите и за меѓународна соработка, па се најавуваат гости од Словенија, Америка како и од соседството.
Фестивалот „Скопско лето“ е во организација на Дирекцијата за култура и уметност. Никола Глигоров, директорот на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, осврнувајќи се генерално за годинашното издание на „Скопско лето“, рече дека како дирекција се обиделе да направат програма која ќе одговара на потребите, интересот на граѓаните на Скопје, Глигоров рече дека овој фестивал има мултимедијална програма и сака да комуницира со најмладите, децата, па сѐ до повозрасните.
„Годинава исто имаме околу 30-ина настани на „Скопско лето“. Како и секоја година, најзастапена ќе биде музиката, затоа што тоа е универзалниот јазик на комуникација меѓу цивилизациите, меѓу народите, но ќе има и театарски престави, ликовни изложби“, нагласи директорот Глигоров.

Тој, додавајќи дека основата на програмата на Фестивалот „Скопско лето“ ја претставуваат домашни уметници, рече дека годинава ќе има и богат избор на меѓународни програми.
Фестивалот „Скопско лето“ ќе се отвори на 21 јуни на првиот ден на летото и Светскиот ден на музиката со концерт на Факултетот за музичка уметност. Покрај овој концерт ќе се одржат плус два концерти со хорот од Национална опера и балет, како и Гала оперски концерт.
Ќе се прикажат две театарски претстави за деца и тоа од Театарот за деца и младинци и од Сашо Ристовски. Ансамблот на Танец ќе одржи концерт на 22 јуни на плоштадот Филип Втори. Дел од настаните ќе се одржат во Сули-ан, Куршумли-ан, фоаје на НОБ, Музеј на македонската борба. Скопско лето ќе се затвори со настап на квинтетот Камерата Академика во Музејот на македонската борба.
На крајот од разговорот Глигоров спомена дека се надева дека временските услови ќе бидат во прилог на настаните, бидејќи голем дел од настаните се на отворено.