Французинката Жизел, жртва на децениско силување, утре ќе ја слушне казната за својот сопруг

Кривичниот суд во Авињон се очекува утре да ја донесе пресудата за Доминик Пелико

Покрај за Доминик, судот утре ќе им пресуди и на уште 50 други мажи обвинети за повеќегодишно силување на Жизел Пелико, сопругата на првообвинетиот.

Во ноември, обвинителот побара максимална затворска казна од 20 години за Доминик Пелико, којшто речиси цела деценија ги организирал групните силувања на неговата сопруга Жизел додека била дрогирана и онесвестена.

Пелико ги снимал силувањата и споделил фотографии и видеа од неговите искуства со сопругата. Според сопственото признание, тој регрутирал мажи на интернет. За другите обвинети, 51 од нив, француското обвинителство побара казни од 10 до 18 години затвор.

Сега 72-годишната Жизел Пелико, која со својата одлука да го отвори судењето за јавноста со цел да привлече внимание на сексуалните злосторства врз жените, стана икона на феминизмот низ целиот свет. Таа не ги прифати советите на адвокатите на обвинителството и на одбраната кои сакаа да избегнат судењето да се претвори во „спектакл“.

Со таа одлука случајот привлече големо внимание и го следат 166 акредитирани медиумски куќи, меѓу кои 76 се странски. Покрај дискусиите со осуда на сексуалното насилство, на социјалните мрежи се дебатира и за дрогирањето на луѓето без да знаат, како што е ставањето дрога во пијалоци и прашањето за согласност за сексуален однос.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни