Андреа Бојковска, илустраторка

Со илустрацијата се наоѓам себе си и својот стил

Андреа Бојковска е илустраторка која живее и работи во Словенија. До сега има соработувано со позанти брендови како „Upwork Inc“, „Dwell“, „Bloomberg Businessweek“, „Wired“, и „Buzzfeed News“. Еден од нејзините омилените проекти е кампањата „Wake & Make“ на „Upwork“, каде ја илустрира енергијата и инспирацијата која ја потикнува кафето кај секој од нас. Овој проект беше признаен на светски натпревари за илустрација и дизајн во 2022 година, како што се „World Illustration Awards“ и „ADC Awards“. Покрај илустрации, Андреа црта и мурали, а еден од нив е и фасадата на Центар Јадро во Скопје. Илустрацијата вели и ја нуди флексибилноста која и недостасувала – слобода во креирање, во пронаоѓање себе си и својот стил, можноста за фриленсинг и концептуалното размислување.

Трн: Со последната едиција на Добри Картички на „Лице в лице“, уметноста уште еднаш се стави во хуманитарни цели. Колку ти е предизвик и задоволство да се работи на вакви проекти?

Андреа: Стремам кон работа со брендови и организации чии вредности ги почитувам. И особено се радувам кога имам можност да соработувам со такви брендови од нашата земја. 

Трн: Како дојде до оваа соработка?

Андреа: Пред некоја година забележав дека „Лице в лице“ соработува со некои домашни илустратори и им пишав. Можноста се случи на почеток на оваа година, кога ме контактираа за картичките „Како си“. 

Трн: Со овој проект полека ја враќаш заборавената магија на картичките. Со новото време како да заборавивме на таа една култура на праќањена разгледнци, новогодишни честитки и едноставно картички со поздрав и добра мисла. Те радува ли враќањето на оваа магија?

Андреа: Во„дигиталното“ време во кое живееме, освежувачки е да се потсетиме на старите традиции и изненадиме некој со картичка со позитивна мисла. Мал гест кој, но измамува насмевка на лицето на драгата личност. 

Трн: Која беше инспирацијата за картичките?

Андреа: Инспирација за темите на картичките беше од тимот на „Лице в Лице“, Анета ми ги испрати пораките на кои што јас требаше да одговорам со илустарции. Размислував со кои елементи уште повеќе да ја истакнам позитивната нота која ја имаат пораките. Мојот стил често содржи хумористична нота, и се радувам кога ке работам на проект каде што може да ја употребам 🙂

Трн: Како почна да работиш како илустратор?

Андреа: На почетокот на Ковид, кога сите бевме дома, имав време да се посветам на мојата пасија од дете – цртањето. Случајно открив дека постои начин како може да се заработува со цртање а да не си класичен ликовен уметник, и дека постои професија илустратор. Така по неколку години работење во струката што имам завршено студии (архитектура), одлучив да сменам кариера и станам илустраторка. Илустрацијата ја нуди флексибилноста која ми недостасуваше – слобода во креирање, во пронаоѓање себе си и својот стил, можноста за фриленсинг и концептуалното размислување.

Трн: На кои проекти си особено горда?

Андреа: Горда сум што имам можност да соработувам со клиенти како што се Upwork Inc, Dwell, Bloomberg Businessweek, Wired, Buzzfeed News. Еден од омилените проекти ми е кампањата ‘Wake & Make’ на Upwork, каде што соработуваа со локална компанија за кафе и одбраа пет фриленс илустратори меѓу кои бев и јас. Задачата беше на секој од нас да ја илустрира енергијата и инспирацијата која ја потикнува кафето кај секој од нас. Овој проект беше признаен на светски натпревари за илустрација и дизајн во 2022 година, како што се World Illustration Awards и ADC Awards. Како друг омилен проект можам да го муралот за кој бев избрана да го цртам јас во 2022 година, на фасадата на Центар Јадро во Скопје. 

Трн: Живееш во Љубљана. дали Словенија нуди поголеми можности за младите уметници како тебе?

Андреа: Можностите за илустратори се поголеми во Словенија, но моите клиенти се скоро секогаш од странство, односно најчесто од Америка. Во нашиот регион нема доволно познавање за илустрацијата како професија, особено на Балканот, и ретко има можност за проекти на какви што јас сакам да работам. Предноста на оваа работа е што може да се соработува со клиенти од било каде во светот.

Трн: Која е Адреа приватно? Што сака да прави кога не црта? Што слуша, што чита? Каде патува? 

Андреа: Приватно се трудам на што повеќе офлајн активности 🙂 Секој ден сум по паркови со Џина (моето кученце), и секоја прилика ја користам за дружење со блиските. А батериите ги полнам кога патувам. Новите места ме вадат од комфортна зона и ме инспирираат. Омилен дел од светот (до сега) ми е јужно источна Азија. Ме инспирира живописноста, природата, гастронимијата, и ведрината на локалците.

www.andreabojkovska.com

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни