Интервју, Катарина Лука, модна дизајнерка со светски бренд

Со футуризам и утопија во црна боја ги освојува филмските серии на ХБO

Младата и талентирана модна креаторка Катарина Лука е родена во Скопје, но живее низ светот. Таа е модерен номад и ги има споено животните искуства од Индија, Шведска, Германија. Иако завршила комуникации и медиуми, сепак окупирана е од модниот дизајн. Иако од мала цртала дизајни, сепак немала среќа да заврши училиште за моден дизајн, но тоа не се покажало како слабост. Нејзиниот моден бренд Kali Rose, деновиве го слави петиот роденден, а има повеќе од 40 креации за платформата за филмови HBO, за серијалот Titans, a на светски познатиот фестивал Burning man голем број гости облекуваат нејзини парчиња.

Трн: Од кога се занимавате со моден дизајн и што ве предизвика комуникациите и медиумите да ги замените со креирање облека?

Катарина: Оваа недела мојот бренд Kali Rose слави пет години постоење. Претходно работев на разни места, разни професии и никогаш целосно не ме исполнуваше ниедна од нив. Потиснатион талент во мене ми даваше чувство и мотивација дека можам многу повеќе од тоа и дека е време да се изборам и да го манифестирам мојот детски сон. Почнав со правење на многу едноставни маички и хеланки во Индија, продавав накит по базари и на улица во Шведска, но ја имав големата слика во зацртано во мојата глава. За мене нема срам од ниедна работа за да стигнеш до таму каде што сакаш да бидеш.

фото: Ангел Ангеловски

Трн: За петгодишното постоење на вашиот бренд дали ја исполнивте целта или таа се уште е далеку?

Катарина: Прво, не ми се верува дека летнаа овие години толку брзо, второ дека за толку време постигнав толкави успеси, кои искрено не ги ни очекував. Како и за секоја поставена цел, се бара посветеност, упорност, трпение па дури и жртва, но сето тоа вреди ако се има љубов и пасија за остварување на истата. Уште од првата година на постоење, најголемиот интерес доаѓаше од Америка, па набрзо ме контактираше тимот на Steve Aoki, диџеј и музички продуцент, кој е многу познат на тие простори, за стајлинг во неговиот спот „Rave“, кој има над пет милиони прегледи. Веднаш потоа, добив покана од Франција за краткометражен дистописки филм, за кој ги изработив костимите , но проектот пропадна со појава на короната. Следуваа две години на тотална емоционална и ментална конфузија, светот беше во застој, но за моја среќа тој период живеев во Шведска и колку – толку имаше нормален тек на животот и работата. Работев и објавував колекции и за чудо брендот дури и отиде напред. Минатата година можам да кажам дека беше и најуспешна, покрај снимени многу музички спотови, настапи, концерти, Kali Rose се појави за прв пат на HBO во четвртата сезона на серијалот Titans. Искрено, вакво нешто за толку мал и свеж  бренд, не очекував, но сум благодарна за ваквата можност, а тоа ми создде многу поголема самодоверба за тоа која сум и што се можам да создадам во животот. Без разлика на постигнатите успеси, јас секогаш си поставувам нова цел, мислам дека тоа е нешто водечко низ животот, како и мотивација секој ден да бидам подобра верзија.

Трн: Дали само креациите за Titans ви донесоа светската слава или специфичноста на вашите костими стигнуваат се атрактивни и за други?

Катарина: Како што набројав веќе, дефинитивно појавувањето на ХБO се издвојува како најголем успех, околу 40-тина парчиња може да се забележат низ серијалот. Голема атракција сме за многу метал бендови од разни земји, за нивни настапи и спотови. Мислам дека секој би се пронашол во некоја од креациите, дали за сопствена сатисфакција или во некоја улога, интересен е фактот дека има воодушевување дури и од луѓе и артисти што се во тотален контраст, па така завршивме и на спот на познатиот српскиот фолк пејач Дадо Полумента, ха ха ха…

40 креации на Катарина Лука може да се видат во серијата Титани

Трн: Забележително е дека црната боја доминира на вашите модни креации, дали таа отсликува нешто ваше лично или ја сметате за универзална боја?

Катарина: Црната боја е дефинитивно заштитниот знак на Kali Rose. За мене, црната е цела филозофија на која може да и се дадат разни значења. Воопшто не ја поврзувам со негативност или тага, напротив, за мене е најмоќната боја во стилот на искажување на една индивидуа. Црната е мојата комфорт зона во која се чувствувам сигурно, самоуверено, во која јас сум јас, можеби и е еден вид на бариера помеѓу мене и надворешниот свет. Оваа боја асоцира на мистерија, сила, софистицираност, истовремено е елегантна и едноставна, зависи од нас како ја носиме и во кое светло сакаме да се прикажеме.

Трн: Специфичност се забележува и во вашиот стил на изразување, постои ли правец во модата што го дефинира вашиот дистописки поглед на создавањето креации?

Катарина: Стилот на Kali Rose е главно дистописки, пост апокалиптичен амбиент, од самиот почеток со акцент на црната боја како и кожни детали по кои овој бренд е  препознатлив. Некогаш може да се забележат и одредени футуристички елементи низ колекциите со сребрени и златни детали, но и да варира се до уличен стил или street fashion. Отворена сум за разновидност и сакам да експериментирам, ја имам слободата да се изразам во еден алтернативен свет во кој индивидуи се разликуваат од типичната мејнстрим класа. За мене секој треба да е посебен, да не се плашиме да се издвојуваме и да бидеме прифатени дека сме различни, на крајот како би имало прогрес во светот без ентитети кои би се осудиле да го истражуваат својот потенцијал и имагинација. Секоја колекција е инспирирана од периодот низ кој живеам во текот на создавањето, односно цртање и креирање на самата колекција. Нормално е да се менуваме и да зрееме низ животните искуства, така, разни креации може да потенцираат разни особини, некои да ја изразат сексуалноста, други револуционерниот карактер, трети да ја изразат едноставно својата авангардност…

Трн: Значи дека низ креациите го опишувате вашиот сензибилитет, вашата фантазија и стил на живеење…

Катарина: Отсекогаш сакав да носам нешто различно, нешто откачено и уникатно и ја имав таа навика да си купувам материјали уште во основно школо, ги цртав и ми ги изработуваа за да ги носам. Низ годините се пронаоѓав во разни стилови и бои, но во последните пет- шест години како да не постои друга боја освен црна, ха ха ха… Едно време бев навлечена на дистописки филмови и од таму црпев доста инспирација, која може да се примети низ креациите со еден футуристички и пост апокалиптичен spotlight. Некогаш знам и јас да се облечам така и да бидам во таа улога, без разлика на пригодата, иако најчесто се носам комфортно и спортски, дуксери ми се fav, така што во секојдневието не изгледам на откачен и даркерски дизајнер :))Оние што се пронаоѓаат во алтернативниот стил на Кali Rose се уникатни, независни, оригинални и секако храбри да се издвојуваат во едно copy/paste современо општество. Тоа е и главната идеа на брендот, ‘Why fit in when you were born to stand out!’ Така се чувствував и јас одсекогаш, мојата бунтовна и авантуристичка душа никогаш неможеше целосно да се вклопи и следи одредени општествени норми, поготово со стандардните балкански сфаќања, предрасуди и шаблони за една жена. За мене е најбитно да бидеш свој, без наметнати ставови за како ние би биле прифатени во општеството и да бидеме видени како ‘нормални’. Она што мене ме инспирира и што се обидувам да го потенцирам низ креациите, цели токму на оние што стојат спротивно од тие норми, оние кои се разликуваат, издвојуваат, оние кои сакаат да го изразат својот дух и уникатност преку стилот во кој се носат.

Трн: Каде сте лоцирани со производството на облеката и каде ја продавате, во надеж дека ова ваше прво појавување во јавноста ќе предизвика интерес кај домашните екстентрици за уникатни парчиња?

Катарина: Kali Rose се произведува во Македонија, но работи само како онлајн продавница, a статистички најголемот интерес има во Америка и Европа, најмногу во Германија, Англија, Шведска, Франција, Италија, но брендот привлекува внимание и во подалечни земји, Јапонија, Австралија, Хонг Конг, Емиратите… Физички сме и во неколку продавници, во колективен состав со дизајнери во Германија, Израел и Италија.

Трн: За овие пет години постоење сте го завршиле успешно првиот дел од приказаната, што имате како заклучок, дали само знаењето е пресудно, или сепак се важни упорноста и среќата?

Катарина: Дефинитивно ме послужи среќата или повеќе тоа би го нарекла одлучност и подготвеност за можностите кои се отвараат по патот кон кој целиме. Да, имав среќа да преживеам страшна болест и да имам исполнет втор живот, но не верувам дека среќата ќе те најде дома ако седиш пред телезивор. Среќата може да падне во сечии раце, разликата е во тоа кој ќе превземе акција, не е само да си на вистинското место во вистинско време. Млади и успешни луѓе дефинитивно најмногу ме инспирираат и мотивираат, никогаш не гледам со љубомора и им се воодушевувам затоа што има што да научиме едни од други. Може тука да ја спомнеме пак среќата, на некои им е дадено што е олеснувачки, не можам да судам, но највеќе им се радувам на оние што се издигнале од нула, како мене. Знам како им е на оние кои одат по истиот макотрпен пат, оставени сами на себе, без да имаат кој да ги турне напред и да ги спаси од падовите.

Трн: Модата сте ја поврзале со музиката и публиката има прилика да ве гледа и на вашите настапи како диџејка, како преку модата се поврзавте со музиката и дали двете нешта сметате дека ги практикувате како лична уметност?

Катарина: Знам да бидам workaholic, но знам да сум уште поголем хедонист. Слободата ми е најбитна во животот и таа нема цена. Сонувам да имам здрав и среќен живот и работата ја гледам како спроводник кој ќе ми го овозможи тој lifestyle. Уживам и ја сакам својата работа, мислам дека тоа е и најбитен фактор да си успешен во било која професија, затоа и никогаш го немам тој проблем во недела што утре е понеделник. Едноставно за мене работата треба да биде задоволство, слободата во одлуката дали ќе работам преку викенд до полноќ и ќе имам слободен ден во вторник, дали ќе работам од дома или на плажа во Индонезија, сеедно, тоа бил мојот сон отсекогаш, за кој можам да кажам и дека го живеам. Како што dance музиката еволуира низ годините така и rave модата се менува низ неа. Мојата лична промена се случи додека на живеев на Гоа, Индија, место кое може најблиску да се спореди со Ибица во Европа, каде што акцентот на случувањата е ставен на електронската сцена. Отсекогаш модата била поврзана со музиката, уште од 90-тите години на минатиот век може да се забележи по разни паради и фестивали разен спектар на колоритни стилови, од хипи па до cyberpunk.  Подиумот за мене е слободен простор на изразување, дали тоа е клуб или openair фестивал, танцувањето со разни луѓе наоколу ни овозможува да се изгубиме на некој начин себеси во моментот, на страна од нашите секојдневните обврски и грижи. Во овој простор нема предрасуди, можеш да бидеш се она што можеби реалниот свет не ти дозволува или ти го потиснува. Во склоп на овој простор, морам да го споменам фестивалот Burning Man (Невада, САД) каде што и музиката и модата се на највисоко ниво што јас би го опишала со еден збор, утопија. Посетителите доста сериозно си ги сфаќаат нивните костими, а мене ми е посебно задоволство што токму за овој настан многумина се облекуваат и во креациите на Kali Rose.

Трн: Каква музика пуштате на вашите настапи и дали модата ви и под ризик од музиката?

Катарина: Двете ми се одличен баланс, најчесто ги комбинирам работата и задоволството во едно и тоа беше мојот сон уште од дете, да сум слободна во својата работа со која ќе можам да го видам светот. Голем дел од патувањата се реализирани и преку музиката, целиот тој склоп на луѓе, места, градови, пустини, клубови, фестивали, се подразбира влијаат на самата себе како и во начинот на живеење така и во начинот на креирање. Се што е чудно, откачено, несекојдневно, екстремно ме инспирира.
Пуштањето техно музика ми е хоби тоа го правам од љубов, тоа ми е еден вид медитација и терапија кога го правам дома, но уште повеќе ме исполнува кога го правам тоа пред публика. Фидбекот и енергијата на подиумот ми ја исполнуваат душата и буквално сум препородена после добар настап, журка… Во последната година се создаде одлична спојка на група женски, јас и уште три прекрасни девојки кои ја делиме истата пасија кон овој вид музика почнавме да организираме настани еднаш месечно во клуб Епицентар, под името Mousai. Покрај овој проект, секако прифаќам и букинзи надвор од Македонија, затоа што патување и забава ми е dream win combination, ха ха ха…

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни