Со проекција на филмот „Виорник од работ“, во режија на Игор Вртачник, Словенија, посветен на историјата на словенечкиот алпинизам, вчера вечер во Домот на АРМ во Скопје официјално беше отворено 15 – то издание на Ехо Фестивал на планински филм 2024 година.
„Треба да го почитуваме нашето минато, нашите предци… Доколку не ги почитуваме, нема самите да се почитуваме и нема да бидеме почитувани од другите. Треба да знаеш кој си и каде одиш. Во спротивно, некој друг ќе одлучува за тоа. Ние треба да знаеме дека личноста е како дрво. Дрво кое расте, се раѓа и умира, гледа со крошната кон целиот свет. Доколку немаш корења во земјата, како дрвата, повеќе не си дрво – ти си трупец. А трупецот може секој по желба да го шутира наоколу…“ е пораката која ја испрати филмот.
Ова издание на фестивалот ЕХО, е посветено на ширење на планинската култура, преку филмови, изложби, издавање книги, панел дискусии, детски и филмски работилници, предавања на многу различни теми.Темата на фестивалот опфаќа планински спортови, еколошки филмови, документарни филмови што ја отсликуваат врската помеѓу човекот и природата.
Фестивалот ќе трае од 18-25 октомври 2024, а следните седум денови ќе продолжи програмата во Кинотеката.
фото: Ехо Филм Фестивал