Стихозбирката „Со една четка два зајака“ на Владимир Мартиновски претставува поетски и симболички каталог на животните, преку кои авторот ги истражува човечките особини, моралните дилеми, егзистенцијалните прашања и поетските визии. Книгата, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше промовирана на 11 февруари во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на манифестацијата „Денови на литературата“. Настанот беше збогатен со поетско читање на Мартиновски и Биљана Стојановска.
Инспириран од светот на животните и нивната силна симболичка и мотивска присутност во светската и македонската книжевност, Мартиновски создава автентичен поетски бестијариум. Книгата се состои од пет циклуси: „Зооминијатури“, „Жив(отн)и песни“, „Летни соништа (на хибридни чудовишта)“, „Скици за една зооисторија на уметноста“ и „Претопувања“. Во сите нив доминира чувството на блискост меѓу светот на фауната и светот на човекот, како и потребата од заемно разбирање и почитување.
„Со една четка два зајака“ е поетско надоврзување на долга низа книжевни дела од автори како Хомер, Сервантес, Апулеј, Едгар Алан По и други, кои во своето творештво се инспирирани од животните – од нивното присуство како мотив и симбол. Книгата се надоврзува и на македонската книжевна традиција – животните се присутни во делата на Блаже Конески, Ацо Шопов и други. Би сакал да им се заблагодарам на сите тие автори кои ме инспирирале, бидејќи станува збор за една универзална љубов на луѓето кон другите форми на живот. Дел од стиховите се инспирирани од посетите на зоолошките градини низ светот, од моето детство, но и од патувањата со моите синови. Каде и да сме патувале семејно, зоолошките градини секогаш биле неизоставен дел од тие искуства – рече Мартиновски.

Тој откри дека илустрацијата на корицата, „Два зајака“, е дело на неговиот син Филип. За време на промоцијата во книжарницата беа изложени и неколку други негови цртежи.
Авторот истакна дека во книгата метаморфозата е значаен мотив, особено во циклусите каде што поезијата како производ на јазикот се поврзува со формите на живот.
Дел од песните почиваат на постапката на мимикрија, која воспоставува врски меѓу две нешта – нешто што, веројатно, го прави и целата уметност. Метафората е длабоко мимикриска постапка. На пример, Џибран вели дека откривањето на тајните врски меѓу нештата е главната улога на уметникот, односно поетот – најнапред за себе, а потоа и за другите. Секако, не би ја свел поезијата само на неколку аспекти; сметам дека тие се значајни токму затоа што се меѓусебно преплетени – рече Мартиновски.
Промоторот Иван Џепароски ја оцени книгата како поетско дело обликувано во духот на современото време.
Таа претставува успешно поетско понирање во светот и во животот на животните, претставени на игрив и необичен начин. Биоетичкиот и екопоетичкиот строеж на песните не носи само филозофска или етичка насоченост, туку пред сè претставува успешна поетска творба исполнета со длабоко доживеани чувства за единството на природата, животинскиот свет и човекот – подвлече Џепароски.
Владимир Мартиновски (Скопје, 1974) е поет, раскажувач, есеист, книжевен критичар, преведувач и антологичар. Работи како редовен професор по Компаративни поетики на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Докторирал на Универзитетот Париз III – Sorbonne Nouvelle во 2007 година. Од септември 2023 година ја извршува функцијата декан на Филолошкиот факултет, а воедно е и актуелен претседател на Македонскиот ПЕН-центар. Досега има објавено 12 стихозбирки за возрасни и три поетски книги за деца.
Збирката „Со една четка два зајака“ е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн на www.literatura.mk.
Шестото издание на „Денови на литературата“ се одржува од 5 до 22 февруари во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн. Во рамките на манифестацијата се организирани повеќе од 30 настани, попусти на книги до 70 проценти, како и продажна акција со грепки со подароци. Со купени книги во вредност од минимум 1.500 денари следува добитна грепка, а секој ден на онлајн-продавницата има дополнителен еднодневен попуст на книги од 17 македонски издавачки куќи.