Со ДНК тестови идентификувани 80 жртви од падот на авионот на Ер Индија

Со помош на ДНК анализа досега се идентификувани 80 жртви од трагичниот пад на авионот на индиската авиокомпанија Ер Индија, лет AI171, што се сруши во Ахмедабад на 12 јуни. Од нив, 33 тела веќе се предадени на нивните семејства, соопштија денеска здравствените власти.

„Вкупно 80 жртви од авионската несреќа се идентификувани преку ДНК споредба. Од нив, телата на 33 жртви се предадени на семејствата“, изјави д-р Раџниш Пател за индиската агенција PTI, пренесе Hindustan Times.

Меѓу загинатите, потврдено е и телото на поранешниот премиер на индиската сојузна држава Гуџарат, Вијај Рупани, кој се наоѓал меѓу 242 патници и членови на екипажот на летот од Ахмедабад за Лондон.

Телата што се предадени на семејствата припаѓаат на жители на Ахмедабад, Вадодара, Кеда, Ботад и други места.

Во несреќата загинаа 241 од 242 лица кои се наоѓале во авионот, а дополнително се потврдени и 29 жртви на земја – откако авионот се урнал врз студентски дом за медицински работници веднаш по полетувањето.

Според информации на Reuters, истрагата за причините за несреќата е во тек. Ер Индија и индиските власти разгледуваат повеќе можни сценарија – проблеми со моторниот потисок, дефекти на закрилцата и фактот дека слетувачкиот систем на авионот бил во отворена положба во моментот на несреќата.

Авионот што се сруши бил модел Boeing 787-8 Dreamliner.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни