Девет претстави во конкуренција на фестивалот „Војдан Чернодрински“

Од 9-ти до 16 јуни градот под Марковите кули ќе пулсира во духот на македонскиот театар. 57-то издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп ќе биде отворен со претставата „Инферно“ на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, која е селектирана во официјалната програма. Српско народно позориште од Нови Сад пак, ќе го затвори фестивалот на 16 јуни со претставата „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски.

Годинашни добитници на наградата за животно дело се актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски, фестивалот се одржува под мотото „Враќање дома“. Програмата пак е конципирана на: Официјална селекција, ОФФ актива, Независна продукција што игра македонски автори и Видеопрограма.

„Предизвикот да се селектира програмата за ова издание на фестивалот беше огромен, затоа што сметав дека на најстариот и најзначајниот македонски театарски фестивал треба да се покаже денешната актуелна театарска практика низ еден сериозен концепт. Концепт што ќе ни покаже каде сме и до каде сме и концепт кој треба да нѐ замисли и сериозно да ја наметне потребата да создаваме подобар театар“, истакна Ана Стојаноска, директорка и селекторка на фестивалот.

Стојаноска исто така ја најави програмата „Автор во фокус“, што прв пат се воведува на фестивалот. Годинава тоа ќе биде Коле Чашуле (1921-2009), драмски автор, писател, есеист и општествен деец.

Во официјалната програма на фестивалот ќе бидат прикажани претставите „Чудна случка со кучето во ноќта“ во режија на Зоја Бузалковска, „Бесачи“ во режија на Јавор Грдев, „Инферно“ во режија на Дејан Пројковски, „Мистерија Буфо“ во режија на Андреј Цветановски, „Мy name is Medeјa“ во режија на Себастијан Хорват, „Три сестри“ во режија на Кендрим Ријани, „Несфатената цивилизација“ во режија на Софија Ристовска, „Роња, ќерката на ограбувачот“ во режија на Јакуб Максимов и „Женска гардероба“ во режија на Наташа Поплавска.

Во придружната програма ќе се изведат претставите „Човек перница“ во режија на Сибел Абдиу и „Циркус Пирандело“ според драми од Луиџи Пирандело.

Преку програмата за независна продукција што игра домашни автори ќе се претстават изведбите „Елегија во пет здива“, автор и режисер Филип Петковски, „Заминувања“ – колективно авторство, режија на Драгана Гунин, „Срам“ од Ангела Стојановска, режија на Милош Б. Андоновски, „Скопјани“ според раскази на Оливера Ќорверзировска и колективно авторство на актерската екипа, режија на Милош Б. Андоновски, „Глум(и)ци“ колективно авторство и режија, продукција на „Артопија“ „Подготвено“ според поезија и проза на Ѓоко Здравески, раскази на Елизабета Баковска, поезија на Блаже Конески и адаптација на сцена од „Трите високи жени“ од Едвард Олби, режија на Дејан Спасовиќ и „Are you crazy? (Улаф сте?)“ автор и режисер Јован Ристовски.

Инаку, Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински” е конституиран 1965 година на иницијатива на Здружението на драмските уметници од Република Македонија. Фестивалот го носи името на основоположникот на македонската драма – Војдан Чернодрински, драмски автор, актер и режисер. Традиционално секоја година се одржува во градот Прилеп во почетокот на месец јуни.

Првата претстава на овој реномиран фестивал се одржала на 4 јуни 1965 година.

На Фестивалот континуирано се презентираат најдобрите театарски/драмски остварувања од целокупната македонска театарска продукција работени според дела од светската драматургија, а особено се афирмира македонското драмско творештво.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни