„Преекспонирано“ на режисерката Елеонора Венинова е првиот филм кој се прикажа во целосно реновираниот ЦК „Бели мугри“ во Кочани. Со 20 милиони денари од Министерството за култура целосно е реконструирана големата сала, партерот и балконот. Поставен е нов под и седишта, со што сега салата има капацитет од 356 места, а целосно е реконструиран и системот за озвучување и осветлувањe на сцената. Ваквото комплетно реновирање следува откако во првата фаза од реконструкцијата, што заврши во 2020 година, целосно беше обновена фасадата на објектот и надворешното осветлување, а за што Министерството за култура инвестираше околу 14 милиони денари.
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска , преку објава на фејсбук, информира дека започнале да се одржуваат претстави во реконструираниот Центар за култура во Кочани.
„НУ Центарот за култура „Бели Мугри“ во Кочани се враќа и подобар од кога било со премиерата која се одржа викендов на македонскиот филм „Преекспониранo“ на режисерката Елеонора Венинова. Благодарение на инвестицијата на Министерството за култура од 20 милиони денари, комплетно е реконструирана салата и реновиран ентериерот во Центарот, така што целиот тим се подготвени да ви посакаат добредојде на кино проекциите“, напиша Костадиновска Стојчевска.
Министерката додаде дека од кино проекции до музички изведби, НУ Центарот за култура „Бели Мугри“ во Кочани е одлична дестинација за културни издигнувања.
Реновираниот ЦК „Бели мугри“ ќе биде достапен и за лица со посебни потреби. На тој начин сите чинители во општеството ќе можат да ги следат сите културно-забавни настани, посочува и првиот човек на ЦК „Бели мугри“ Кочани.
„Планиран е и простор за лица со попреченост, како и резервни седишта за вонредни околности. Поставена е инсталација за затоплување и вентилација, а дополнително ќе се вградат топлотни пумпи, наместо јагленот што досега се користеше како енергенс. Реконструиран е системот за озвучување и осветлувањe на сцената, инсталирана е современа противпожарна заштита, гардеробите и просторијата за шминка на актерите се целосно обновени, а реновирани се и тоалетите. Со условите што сега ги имаме почнуваме да ја реализираме годишната програма за сценско-музички, драмски и други активности, а публиката ќе може да види многу културни настани, кино проекции, ликовни изложби, промоции и музички перформанси“, истакна в.д. директорката на НУЦК „Бели мугри“, Ана Поп Михаилова.
Инаку, Центарот на културата е подигнат во 1961та година од архитектот Глигорие Савовиќ и набрзо постанува слика на плодниот период од развојот на Кочани. Лоциран е во градскиот парк и на аголот кој го формираат коритото на Кочанската река и Кејот на револуција.