Снуп Дог ќе го носи олимпискиот оган

Американскиот рапер Снуп Дог е еден од лицата што ќе го носи олимпискиот оган пред церемонијата за свечено отворање на Олимписките игри во Париз во петок.

52-годишниот рапер ќе го носи огнот низ улиците на Сан Дени на северот од Париз, каде што се наоѓа олимпискиот стадион Стад де Франс. Сан Дени е претпоследниот дел до патот на олимпискиот оган, пред да заврши кај Ајфеловата кула.

Олимпискиот оган ја помина цела Франција, почнувајќи го патувањето во мај и досега беше носен од луѓе со различни проминенции и професии, вклучувајќи го поранешниот тренер на Арсенал, Арсен Венгер, возачот од Формула 1, Шарл Леклер и актерката Хали Бери.

Снуп Дог, чие вистинско име е Калвин Кордозан Бродаус Јуниор, е роден во Лос Анџелес, градот домаќин на следните Летни Олимписки игри.

Тоа што сепак предизвика најмногу внимание од објавата дека Снуп Дог е еден од носачите на олимпискиот оган се коментарите на социјалните мрежи. Дел од корисниците на социјалните мрежи пишуваат дека се надеваат оти Снуп Дог нема да го испушти факелот како да е жежок, алудирајќи на познатиот стих Drop it like it’s hot, додека други коментираат дека тој треба да запали џоинт од олимпискиот оган пред да го предаде факелот.

Американскиот рапер е исто така дел од коментаторскиот тим на NBC за Олимписките игри, откако заедно со актерот Кевин Харт ги коментираа претходните Олимписки игри на еден свој, шеговит начин.

Најново

Последни колумни