На снимката, што ѝ била доставена на Американската крајбрежна стража (USCG) како доказ во истрагата, се гледа Венди Раш, сопруга на извршниот директор на OceanGate, Стоктон Раш, како со загриженост го следи нуркањето од командната просторија на бродот. Во моментот кога се слуша звук сличен на силно тропање, таа прашува: „Што беше тоа?“ – несвесна дека слушнала дел од најстрашниот момент.
Документарниот филм на Би-Би-Си, којшто се базира на двегодишната истрага на USCG, открива дека подморницата била градена од јаглеродни влакна – материјал кој не е доволно стабилен за екстремен подводен притисок. Анализата покажува дека влакната почнале да попуштаат уште една година пред кобното нуркање, при еден од претходните зарони кога патници слушнале гласен удар. Тој инцидент бил прв сигнал за процес на деламинација – раздвојување на слоевите на материјалот.
Иако тогашните сигнали биле игнорирани и објаснети како „нормални звуци под притисок“, истражувачите денес сметаат дека токму тој момент бил почеток на крајот. По тој инцидент, „Титан“ направил уште три зарони пред да се случи имплозијата во јуни 2023.
Покрај Раш, во подморницата животот го загубија и британскиот истражувач Хамиш Хардинг, искусниот француски нуркач Пол-Анри Наржоле, бизнисменот Шахзада Давуд и неговиот 19-годишен син Сулејман.
Иако OceanGate нудеше ексклузивни експедиции до остатоците на „Титаник“, подморницата никогаш не била подложена на независна безбедносна проверка. Бивши вработени предупредувале на сериозни недостатоци во дизајнот. Еден поранешен инженер подморницата ја нарекол „страшило“ и тврдел дека несреќата била „неизбежна“.

Ирскиот бизнисмен Оишин Фенинг, кој патувал со „Титан“ неколку месеци пред трагедијата, вели: „Ако тогаш знаев сè што знам денес, никогаш немаше да влезам“. Истото го потврдил и реномираниот истражувач Виктор Весково, кој го предупредил Стоктон Раш дека „влегувањето во таа подморница е како руски рулет“.
По трагедијата, OceanGate престана со работа, насочувајќи ги сите ресурси кон соработка со истрагите. Во меѓувреме, се поднесени неколку приватни тужби, а се разгледуваат и можни кривични пријави. Крајниот извештај од USCG се очекува во текот на годинава.
„Мислам дека никој кој ќе преживее ваков губиток не може да остане ист“, изјави Кристин Давуд, сопруга и мајка на две од жртвите. „Последиците од оваа катастрофа ќе се чувствуваат со години.“