Силна зимска бура зафати поголем дел од Австрија и предизвика сериозен сообраќаен и транспортен колапс. Поради обилните врнежи од снег и силниот ветер, привремено беше затворен аеродромот во Виена, додека во Тирол лавина затрупа автобус со патници.
Инцидентот се случил рано утрово во долината Лехтал, во општината Бах, нешто пред 5 часот. Според полицијата, лавина затрупала линиски автобус во кој имало 11 патници. За среќа, нема повредени.
„Ниту едно друго возило не било затрупано“, изјавил портпаролот на полицијата, Стефан Едер. По инцидентот, патот бил затворен.
Поради невремето, аеродромот Vienna International Airport утрово привремено ги прекина сите операции. До 9 часот биле планирани околу 117 летови, од кои 19 биле откажани. Од управата соопштија дека се работи на што побрзо нормализирање на воздушниот сообраќај и дека се можни дополнителни откажувања.
Во Зелден автомобил излетал од коловозот по судир со рало за чистење снег и се стркалал околу 30 метри по стрмен терен. Возачот, 52-годишен маж од Минхен, се здобил со тешки повреди, додека неговата 17-годишна ќерка поминала со полесни повреди.
Тешка сообраќајка се случила и во Кесен, каде 22-годишен возач поради лизгав коловоз преминал во спротивна лента и фронтално се судрил со автомобил управуван од 64-годишна жена од Германија. Двајцата се хоспитализирани со сериозни повреди.
Од службите за итни случаи најавуваат дека стабилизација на состојбата се очекува дури околу пладне.